СЕЛАМИ: НЕКОИ МАКЕДОНСКИ ПАРТИИ НАМЕРНО ГИ СПРЕЧУВААТ МАКЕДОНЦИТЕ ДА СЕ ПОПИШУВААТ

0
153

Пописот не е пазар туку спроведување на закон, вели заменик директорот на Државниот завод за статистика Илми Селaми во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој не гледа ништо лошо во лобирањето дијаспората да се попише.

“Ние како Државен завод за статистика сакаме да се обраќаме до граѓаните, бидејќи пописот се прави за граѓаните. Ова е однос меѓу Заводот за статистика и граѓаните. Ние им се обраќаме на нив, ние им тропаме на врата на граѓаните, граѓаните ни отвораат врата, граѓаните ни даваат податоци, ние завршуваме со пописот и тоа е тоа. Постигнат е ефектот, пописот е направен. Со ова сакам да кажам дека политичките агенди за жал на Балканот никогаш не престанувале, не престануваат и нема никогаш да престанат. Впрочем тоа и во оваа целосна ненормалност можеби е и нормално поради тоа што на политичките партии тоа им е работа, да најдат агенда, да најдат теми и таму каде што ги нема. Треба да сфатиме сите, јас жалам што не сфаќаат политичките партии дека ако не се одржи пописот губат сите.”

“Јас дури им велам на политичарите, нам ни треба секој кој што би ја олеснил работа во смисла дека секој политички субјект, секој чинител и фактор во државата, во општеството, го повикуваме да ги повикува граѓаните, сите, свои, наши, ваши, оти ништо не правиме лошо ако повикуваме на попис. Кратко, тоа е како да ги повикувате граѓаните да го почитуваат законот.”

“Пак ќе повторам, што е лошо во тоа да повикувате граѓани да го почитуваат законот? Јас не се чудам зошто Албанците повикуваат да се попишуваат Албанците, туку се чудам зошто Македонците повикуваат да не се попишуваат Македонците? Што е целта, што е намерата, да не се попишуваат, да направиме деформирани бројки?”

Според него, за првпат оваа година се прави попис од стручно тело, Државен завод за статистика што впрочем и е работа по сите акти, да прави попис, да прави статистики итн.