ЖЕШКАТА ПРОЛЕТ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕСЛАВНО ЗАВРШИ: СЕЛА И ГАШИ СЕ КОЛЕБААТ ЗА СОРАБОТКА СО МИЦКОСКИ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

0
2038

Албанските опозициски партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива заеднички ќе настапат на претстојните локални избори. Неизвесно е дали ќе соработуваат со македонската опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Иако двете страни неодамна најавија можност за поддршка на заеднички кандидати за градоначалници во етнички мешаните средини, сепак во меѓувреме нивните односи се усложнија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека во најмалку 10 од 13 општини во кои ќе победат кандидати за градоначалници од албанската заедница, доколку ја сакаат поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери, ќе мораат да го почитуваат достоинството на Македонците и на помалите етнички заедници.

Тој посочи дека досега не разговарал со албанските опозициски партии за изборна соработка, но ги повика сите македонски партии како и партиите на помалите етнички заедници, да се придружат на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што само на тој начин нема да се чувствуваат како граѓани од втор ред во својата држава.

И генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари вели дека засега нема преговори со ниедна партија за поддршка на локалните избори. Тој истакнува дека единствено сигурно е дека АА и Алтернатива ќе настапат заедно, додавајќи дека сите идни преговори за коалицирање ќе се засноваат на заедничка локална програма за развој и инвестирање во општините.