Македонската банкарска асоцијација (МБА) ја известува јавноста дека со цел на изнаоѓање практично решение во соработка и со Народната банка, веќе е надминат проблемот за непречено користење на услугите и производите на банките и штедилниците од граѓаните на кои што им е истечена важноста на личната карта и не можат засега да добијат нова.
Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како документ за идентификација на банкарските клиенти покрај личната карта може да биде земена предвид и патната исправа (пасош). Притоа се земаат предвид и законските одредби, согласно со кои важноста се продолжува до 31.12.2021 година.
Кога граѓанинот-постоечки клиент на банка не поседува ниту пасош, ниту валидна лична карта, за користење на услугите и производите на банката на која што е клиент, ќе може својот идентитет да го потврди со увид во матичниот број на граѓанинот наведен во потврдата од МВР за поднесено барање за издавање на нова лична карта и дека постапката за издавање е во тек.
МБА ја известува јавноста дека сите банки и штедилници веднаш започнуваат да го применуваат ваквиот начин на идентификување на клиентите кои што немаат валидна лична карта.
Согласно мислењето од Управата за финансиско разузнавање, банките и штедилниците се должни за клиентите кои што во моментот немаат ниту валидна лична карта ниту валидна патна исправа, во најкус можен рок од моментот на добивањето на важечка лична карта или патна исправа, да направат ажурирање на документите и податоците за клиентот.