СЕ ОЧЕКУВА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА СО ПРОМЕНА НА 6-7 МИНИСТРИ, БИТИЌИ: ТРЕБА ДА ГО ДОНЕСЕМЕ НОВИОТ БУЏЕТ И СО ПОЛН КАПАЦИТЕТ ДА ГИ РЕШАВАМЕ ЗДРАВСТВЕНАТА, ЕКОНОМСКАТА И ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

0
948

“Како Влада ние не функционираме нормално веќе три месеци поради локалните избори. Работата на сите институции е сведена на минимум што ме изненади, бидејќи сум нов во политиката. Ние овој период требаше да го донесеме буџетот, ни претстои криза со пандемијата, имаме економска криза, а енергетската криза е нов момент, така што сега не е моментот да не се работи со полна пареа” – изјави потпретседателот на СДСМ и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи за “Утрински брифинг”.

За процедурата за оставката на претседателот на СДСМ Зоран Заев, Централниот одбор само побарал да се одложи одлуката за оставката.
“Оставката е висок демократски чин и во нормални земји тоа би го сфатиле како начин да се преиспита зошто не оделе работи. Кај нас тоа се сфаќа предраматично. Ја ценам неговата одлука (од Заев) за оставка, но и ставот да се одложи” – рече Битиќи.

“Сега следува консолидација на партијата и понатаму нов мандатар за нова влада. Сметам дека наскоро ќе добиеме “Заев 3″ Влада, повторно влада предводена од Заев со тоа што ќе се сменат шест-седум министри. Мислам дека тој ни треба за да продолжат некои процеси” – рече Битиќи.

Според Битиќи, нова Влада или реконструкција на Владата подразбира преговори меѓу коалициските партнери за распределба на нови ресори.

“Реконструкцијата на владата е добра и сметам дека ќе треба да има одредена промена на кадрите. Јас сум целосно ослободен од тоа дали ќе бидам на новата листа. Сметам дека резултатите го дефинираат тоа кој ќе остане, а кој ќе замине” – изјави Битиќи.