“Инспекциските контроли околу увозот на опасен мазут се речиси завршени и резултатите ќе бидат објавени во вторник, а од денеска Државниот пазарен инспекторат, кој е орган во рамки на Министерството за економија, започнува со засилени вонредни контроли и на течните деривати со користење на мобилната лабораторија и тоа при влезот во државата и во внатрешниот пазар, односно малопродажбата” – изјави денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
“Заедно со Пазарниот инспекторат во наредниот период ќе започнеме со засилени контроли на терен за квалитет на сите видови нафтени деривати во државната мобилна лабораторија. Одлучни сме преку засилени контроли да избегнеме можни манипулации со квалитетот на горивата кои што се користат во нашата земја. На тој начин не само што ќе се заштитат потрошувачите од манипулации со квалитетот на горивата, туку ќе се заштити и животната средина. Како што најавивме, во моментот заедно со вицепремиерот Љупчо Николовски ги собираме сите информации за дистрибуција на сомнителен мазут. Крајниот рок кој им го дадовме на институциите е следниот вторник кога очекуваме дека ќе ги имаме сите информации за евентуалните злоупотреби на увоз на опасен мазут во нашата земја. Доколку не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати, документите ќе им ги предадеме на Јавното обвинителство” – рече Бектеши.