РАЗРЕШЕНАТА ДИРЕКТОРКА НА ДИЖС, АНА ПЕТРОВСКА ЌЕ СЕ КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА СКОПЈЕ: ЌЕ ДОБИЕ ПОДДРШКА ОД ЛИСТАТА “ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД”

0
1193

Ана Петровска, екс директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), ќе влезе во изборната трка за градоначалничка на Град Скопје со листата “Зелен хуман град”.

“Ние веќе ги поднесовме до четири подрачни канцеларии на ДИК нашите листи така што граѓаните веќе можат да почнат да ги даваат своите потписи и поддршка. После оваа прес-конференција ни остана да поднесеме во подрачното одделение за општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај и веќе ќе биде целиот град Скопје опфатен, од сите општини граѓаните ќе можат да излезат и да не’ поддржат” – рече Драгана Велковска од иницијативата “Зелен хуман град”.

Петровска е убедена дека се поклопуваат во 90% од идеите што ги имале двете страни. Затоа таа ја прифати кандидатурата за градоначалничка на Скопје.

“Ние имаме една заедничка визија, пред јас да ја прифатам кандидатурата тие веќе ги зрееле своите идеи и тези за тоа како треба да се управува градот, а јас не знаејќи за нив, направив една компилација од своите идеи. Замислете, се поклопивме во 90%, што значи дека ние навистина заедно можеме да ги направиме оние промени кои граѓаните толку желно ги очекуваат” – рече Ана Петровска.

“Ќе организираме и буџетски форуми каде граѓаните ќе можат да имаат информации за приоритетните стратешки проекти на Градот и како планираме да ги подобруваме и надградуваме услугите кон граѓаните, услугите на граѓаните се пред се’ и тие треба да бидат достапни, ќе работиме и на нивна дигитализација имајќи предвид дека и пандемијата е се’ уште присутна. Ќе ги вклучиме во носењето на одлуки младите, маргинализираните групи и луѓето се хендикеп. За да го хуманизираме градот и навистина тој да стане зелен хуман град, ќе работиме на нов ГУП што ќе ја запре бетонизацијата, ќе го заштити и унапреди постојното зеленило и ќе воспостави одржлив мобилен систем, значи урбаната мобилност, ќе се зајакнува давајќи предност исто така и на алтернативните форми на сообраќај, велосипедизмот и пешачењето за да го спречиме и до некаде намалиме загадувањето на воздухот” – истакна Петровска.