РАБОТИМЕ ЗА ПОДОБРА ОТЧЕТНОСТ КОН ГРАЃАНИТЕ, ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ: ПРОСЕЧНОТО НИВО НА ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ ПОДОБРИ ЗА 18%

0
1180

“Општините, министерствата и Владата стануваат транспарентни институции. За 18% е зголемена нивната активна транспарентност споредено со 2016 година, односно нивната транспарентност изнесува 63%, за разлика од 2016-та кога била 45%” – истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски додека ги презентираше најновите податоци на извештајот за Индекс на активна транспарентност 2021 година на Центарот за граѓански комуникации.

“Дури 62 од вкупно опфатените 98 институции ја подобриле својата активна транспарентност во 2021 година во однос на 2016 година. Ако во 2016 година само 24 институции биле во категориите многу добра и добра транспарентност, оваа година дури 62 институции се во овие две категории. Особено се забележува подобрување на транспарентноста кај министерствата. Во 2016 година само едно министерство било во категориите многу добра и добра транспарентност. Оваа година дури 12 министерства ја подобриле транспарентноста и се искачиле токму во овие две категории” – информираше Николовски.

Во делот на транспарентноста на општините, според Извештајот, општина Карпош има 100% активна транспарентност, а подобрувања се забележани кај 51 општина. Значително подобрување е регистрирано кај општина Валандово, којашто во 2016 година од категоријата многу лоша транспарентност со 17,9%, годинава со 94,3% е во групата на општини со многу добра транспарентност. Слично е и кај општина Кавадарци, која од категоријата слаба транспарентност во 2016 година со 38,8%, годинава со 80,6% е рангирана како општина со многу добра активна транспарентност.