Quo vadis ВМРО-ДПМНЕ – писмо на повеќе од 300 членови на партијата

0
2115

Браќа и сестри.

Mожно ли е и ВМРО-ДПМНЕ да победи, а Христијан Мицковски и Иницијативниот одбор за собирање потписи за Вонреден Конгрес да НЕ изгубат?

Не само што е можно, туку така и треба да биде. Секоја победа на ВМРО-ДПМНЕ треба да значи и победа за секој нејзин член, да биде топлина за душата на секој кој оставил трага во Партијата и поминал поголем дел од животот непосредно поврзан со неа!

Но, во последно време, според однесувањето и делувањето на нашите истакнати сопартијци и од едната и од другата страна, изгледа како за нив партијата да е предмет, како скапа вазна за која се борат да ја добијат. Само што, изгледа не можат, или не сакаат, да сфатат дека ако вака продолжат, вазната ќе ја скршат на милиони парчиња и ќе го уништат можеби највредното што на Македонија ѝ останало како аманет од предците – ВМРО!

Од една страна, Христијан Мицковски кажува дека тој бил акламативно поддржан од членството на партијата и ќе ја бранел од нападите од другите, „лоши“ вмровци.

Не Христијан, се лажеш самиот себеси! Ти можеби си поддржан акламативно од членовите на органите кои САМИОТ СИ ГИ ПОСТАВИЛ, но тоа е далеку од поддршка од членството. Ако е така, тогаш ќе ги немаше овие „вторите“, од кои не се сите „лоши“, напротив. Некои од нив имаат испишано многу поголемо и позначајно поглавје од тоа што го имаш ти досега во ВМРО-ДПМНЕ. Твојата изјава, сакал ти да признаеш или не, е далеку од вистината. Многу поверојатно е дека немаш потполна поддршка ниту меѓу од тебе поставените и прашање на ден е кога ќе го дознаеш тоа. Веројатно ќе ти биде болно! Нема да ти помогне ниту ако често ги менуваш „сомнителните“ со „лојални“. А ако си толку сигурен дека членството е со тебе и покрај серијата порази кои ги претставуваш како победи, повели, стави ја на проверка таа поддршка. Ќе ги замолчиш тие што те напаѓаат и ќе имаш отворен пат да водиш!

Од друга страна, од Иницијативниот одбор за Вонреден Конгрес, за жал, како да не сакаат да видат дека со нивната акција уште повеќе го поделуваат вмровското ткиво. Не гледаат дека инсистирањето на нов Вонреден Конгрес, верните членови го сметаат за враќање назад и – не го поддржуваат сите! Не треба да биде цел само да се смени актуелното раководство кое не е прифатено од сите, со друго раководство кое пак нема да биде прифатено од сите. И во едниот и во другиот случај, еден значаен дел од гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да гласа на избори! Голем проблем кај иницијативата е и тоа што, како што изгледа, во кој правец и да се развие постапката, ќе биде оспоруван легитимитетот на секоја одлука и сосема сигурно ќе заврши со судски спор во кој не може да има победник. Такво нешто на ВМРО-ДПМНЕ не му е потребно!

А зар не е тажно и срамно самиот Мицковски да ги поништи делегатите кои го избраа на Конгресот во Валандово и да си постави нови свои, бидејќи без тоа тешко ќе го зачува тронот!?

Зошто повторно со кавги меѓу браќа и сестри, зошто повторно делење? Не ли беше доста, историјата ништо ли не нѐ научи?

ВМРО-ДПМНЕ е врутокот на пра-пораките на нашите предци, громогласното УРА за Победа на националните интереси. Никој нема право да го присвојува за себе, оти ВМРО е отчукувањето на нашите срца вљубени во Македонија! Затоа не смееме да си поигруваме, затоа Партијата треба веднаш да се врати на единствениот вистински сопственик – на членството! Никој нема право да ја презема, да тргува со неа, не смее да се дозволи судови да одлучуваат за тоа чија е партијата! Наша е, нам ни припаѓа, на сите членови на ВМРО-ДПМНЕ!

И, како да го решиме проблемот, како да се обединиме?

Затоа, последен момент е да се каже – ДОСТА Е!