ПРВ САМИТ НА НАТО СО 30 ЗЕМЈИ-ЧЛЕНКИ, ЗАЕВ: ЧЕСТ МИ Е ШТО ЈА ПРЕДВОДАМ МАКЕДОНСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА НА ОВОЈ ГОЛЕМ САМИТ

0
928

Премиерот Зоран Заев пред почетокот на денешниот самит на НАТО во Брисел изјави дека ова е историски момент за Северна Македонија затоа што за прв пат нашата земја како полноправна членка присуствува на највисокиот самит на Алијансата. Заедно со премиерот Заев на самитот се и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Во продолжение е изјавата на премиерот Заев пред почетокот на пленарната НАТО сесија:

“Навистина е одлично да се биде тука, многу сум почестен. Ова е историски момент за мојата земја. Ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв Самит за НАТО со 30 членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО. Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цел, но дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан.

Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21-ви век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани. Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО.

Денес сме тука за да го потврдиме нашето единство, кохезија и солидарност. Ние исто така ќе се осврнеме на идните предизвици и заедно ќе донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО. Ние ги делиме истите вредности, стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и сме целосно посветени на нашата колективна безбедност: Затоа што ние сме НАТО. Заедно сме посилни!“