Project Scorpio е нов, графички супер моќен Xbox кој ќе пристигне наредната година

0
1669

Microsoft дефинитивно ја загуби битката со оваа генерација на Xbox One – нивната конзола има делумно послаби перформанси од тие на PlayStation 4, што беше доволно гејмерите да се одлучат за уредот на Sony. Сепак, сето ова драматично ќе се промени со лансирањето на Project Scorpio, што ќе биде своевидно освежување на Xbox One линијата, кое ќе донесе драматични подобрувања во перформансите.

Поточно, од Microsoft најавуваат дека оваа конзола ќе има 6 teraflops графичка моќ, што е скоро 5 пати повеќе во однос на Xbox One конзолата (1,32 teraflops) и околу 4 пати повеќе од PlayStation 4. За графиката инаку ќе бидат задолжени AMD, кои најверојатно за конзолата ќе подготват делумно променета RX480 графичка, која е најевтината „моќна“ графичка во моментов со преку 5 teraflops за само 200 долари. Процесорот во Project Scorpio инаку ќе има 8 јадра, што дополнително ќе придонесе за високите перформанси.

Според Microsoft, кај оваа конзола ќе нема компромис во квалитетот на графиката. Додека актуелните конзоли често паѓаат под Full HD резолуција за да можат да задржат 60 fps, кај Project Scorpio нема да има потреба од тоа, бидејќи графичката моќ ќе биде екстремна. Исто така, оваа графичка ќе овозможи и играње во Ultra HD 4K резолуција, нешто што не го можат конзолите денес, како и играње во виртуелна реалност (со Oculus Rift) во висока резолуција и со стабилни 60 слики во секунда. Една од игрите кои ќе бидат достапни во квалитетно VR издание е и мега популарната Fallout 4, што секако ќе возбуди многу фанови на франшизата, но веројатно и скоро сите останату гејмери.

Fallout4_E3_Supermutant_1434324006-1024x576-copy

Најдобрата вест од сето ова е дека сите игри од Xbox One Ќе функционираат и на Project Scorpio конзолата и обратно, што значи дека ова нема да биде нова генерација на конзола, туку нешто како Xbox One на стероиди. Ова секако отвора малку повеќе работа за дивелоперите – тие сега ќе треба да ги оптимизираат игрите за различни уреди, но од друга страна значи повеќе избор за купувачите – оние кои не се грижат толку за перформансите можат да го изберат поевтиниот Xbox One S, додека оние кои го сакаат графички најдоброто искуство ќе го имаат на избор Project Scorpio.

Токму за да купувачите можат да одлучат отсега за својата нова конзола, е и причината зошто Microsoft се одлучи да го најави Project Scorpio повеќе од една година пред официјалното претставување. Хардкор гејмери на конзоли, почнете да ги полните касичките!