ПРОФУНКЦИОНИРА РЕГИСТАРОТ НА ВИСТИНСКИ СОПСТВЕНИЦИ ЗА ПОГОЛЕМА ТРАНСПАРЕНТНОСТ, НИКОЛОВСКИ: ВЕЌЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ 90% ОД ПРАВНИТЕ ЛИЦА

0
689

“Во рамки на законскиот рок во кој постоечките правни лица имаа обврска во Регистарот на вистински сопственици да го пријават својот вистински сопственик, својата обврска навремено ја завршиле 69 284 правни субјекти, односно близу 90% од субјектите кои се обврзани да поднесуваат пријави” – соопшти вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски. Тој рече дека минатата недела заврши законскиот рок од три месеци во кој требаше правните лица да го пријават физичкото лице кое директно или индиректно остварува управувачка или контролна улога во еден правeн субјект.

“Зголемувањето на транспарентноста како суштински процес на демократските општества е базичен стремеж на оваа Влада и токму затоа податоците од Регистарот на вистински сопственици, од 28. април се веќе јавно достапни преку системите за издавање информации од Централниот регистар” – истакна Николовски и додаде дека сега секој може на едноставен начин, да добие информација за тоа кои се вистинските сопственици на некој правен субјект, но и да провери дали и каде сѐ некое конкретно лице се јавува како вистински сопственик.

Вицепремиерот нагласи дека во следниот период институциите треба да вршат контрола на точноста и ажурираноста на овие податоци, а постоечките правни лица ќе треба континуирано да ја пријавуваат секоја промена во сопственичката структура во рок од осум дена од нејзиното настанување.

Овој регистар ќе биде и од помош за спроведувањето на Законот за потекло на имот, за кој веќе е подготвена физибилити студијата и формираната Работна група која работи на подготовка на новото законско решение.