ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ЌЕ ЈА ДОСТАВИ ПРЕМИЕРСКАТА ОСТАВКА ВО СОБРАНИЕ СЛЕДНАТА НЕДЕЛА: ПОСАКУВАМ ПРВИОТ ГОЛЕМ УСПЕХ НА НОВАТА ВЛАДА ДА БИДЕ ОДРЖУВАЊЕТО НА ПРВАТА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО ЕУ

0
998

Премиерот Зоран Заев најави дека оставката на премиерската функција ќе ја поднесе во текот на следната недела. По оставката во Собранието, следен премиер ќе биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

“Овие денови завршуваме со консултациите со коалициските партнери. Тоа што можам да го кажам е дека се заокружуваат важни процеси и програмски и владини и кадровски, така да ќе ја донесам одлуката некаде на почетокот на следната седмица и штом ја донесам веднаш ќе соопштам и кога точно ќе биде формализирана пред Собранието” – изјави премиерот Заев за ТВ 24.
Тој смета дека бугарското вето наскоро ќе се надмине и дека македонската страна е на располагање за тоа.

“Знаејќи дека на 13-ти се формираше новата бугарска Влада, не можете да очекувате на 14-ти Советот за општи работи каде што присуствуваат министрите, да донесат одлука. Јас навистина не губам надеж дека новата бугарска Влада со помош на претседателот Радев ќе ги дадат позитивните реакции. Конечно имаме дадено наши одговори и верувам дека се надминати сите недоразбирања. Ако остануваат детали, ние сме на располагање како држава, под раководство на идниот премиер, да ги допрецизираме и да ги разговараме” – рече Заев.