ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ЈА ПРОМОВИРАШЕ КАМПАЊАТА ЗА МАСОВНА ИМУНИЗАЦИЈА: ПОТРЕБЕН Е КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ СО 80% ВАКЦИНИРАНИ ГРАЃАНИ И ТОА ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ ГО ПОСТИГНЕМЕ ДО ОКТОМВРИ

0
808

Владата почнува кампања за имунизација со порака “Вакцинирај се” со цел што поголем број граѓани да примат вакцина против Ковид-19.

“Потребно е 80% од граѓаните да бидат вакцинирани за да се смета дека се постигнал колективен имунитет со кој полесно ќе се избориме со пандемијата од Ковид-19, а овој процент се однесува на новиот делта сој и тоа може да го постигнеме до октомври, ако вакцинацијата продолжи со сегашното темпо” – изјави премиерот Зоран Заев.

Премиерот Зоран Заев ја промовираше кампањата под мотото “За моментите на среќа” која има за цел да го сврти вниманието на граѓаните, да бидат внимателни и да не подлегнуваат на неточни и непроверени вести.

“Масовната имунизација е во суштината на новите мерки. Ја лансираме кампањата за да ги видиме насмевките под маските и да почувствуваме топлите прегратки кои на сите ни недостигаат. За безгрижно детство во училишните клупи” – рече премиерот Заев.

Тој испрати порака и до оние кои се противат на вакцините за заштита од Ковид-19 и кои веќе два пати протестираат против мерките на Владата и им порача: “Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво право е и правото на здравје.”

Бројките покажуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и дека најголем број од смртните случаи и хоспитализациите се меѓу невакцинираните. Досега во земјава се аплицирани над еден милион вакцини.

Во училиштата над 65% од вработените се вакцинирани, сличен процент е и во градинките. Во здравството, 100& од оние кои работеа со ковид-пациенти се имунизирани, а вкупната состојба е околу 75%.