“Заев треба да биде премиер бидејќи има големи работи за решавање. Надежите се дека на 14-ти декември ќе добиеме датум, а до март ќе се одржи првата меѓувладина конференција со која Македонија и Албанија ќе ги почнат пристапните преговори со Европската Унија” – изјави анонимен висок функционер на ДУИ. Според него, Али Ахмети побарал Зоран Заев да поднесе оставка од премиерската функција по март, а Заев пак сака уште во декември да ја активира и премиерската оставка.
По средбата помеѓу Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, извесно е дека таа партија ќе биде дел од Владата и парламентарното мнозинство ќе брои најмалку 64 пратеници. Алтернатива бара 3 министерски функции, а најверојатно партијата на Гаши ќе добие 2 министри. Допрва треба да се разговара за бројот на замениците-министри и за директорските места.