ПОСЕТА НА КОМАНДАНТОТ НА НАТО ЗА ЕВРОПА ПО ПОВОД ЕДНА ГОДИНА ОД ЧЛЕНСТВОТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО

0
1183

Премиерот Зоран Заев го прими командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој со делегација на НАТО е во посета на нашата земја по повод одбележувањето на првата годишнина од членството на Северна Македонија во Алијансата.

На средбата, на која присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и бригадниот генерал Симеон Трајковски, началник на Ј-5 секцијата во Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, премиерот Заев му посака добредојде на адмиралот Бурк и на членовите на делегацијата на НАТО и се заблагодари за честа што Алијансата со присуство на свои високи претставници ќе учествува во одбележувањето на првата годишнина од членството на земјата во Алијансата.

“Членството во НАТО е остварување на определбата на граѓаните и на политичките елити во земјата негувана и афирмирана низ годините наназад уште од прогласувањето на независноста на Северна Македонија. Во таа насока, во текот периодот што претходеше на тој чин, работевме на исполнувањето на политичките критериуми во делот на унапредување на демократијата, слободите и владеењето на правото, како и на трансформацијата на нашата армија во согласност со стандардите на Алијансата” – потенцираше на средбата претседателот на Владата Зоран Заев.

Заев на средбата информираше дека Владата на Северна Македонија продолжува да инвестира во Армијата на Северна Македонија со буџетска поддршка која расте дури и во време на пандемијата кога приоритет е поддршката за санирање на социоекономските последици за која до сега се издвоени 1,3 милијарди евра.

Премиерот Заев уште додаде дека со членството во НАТО, Северна Македонија го потврди својот статус како фактор на стабилност во регионот и дека сигурноста, која произлегува од сојузништвото со сите земји членки на Алијансата, е фактор за економскиот прогрес на земјата за што значаен придонес имаат странските компании, кои дури и за време на пандемијата го задржаа својот интерес да инвестираат во македонското стопанство.

Командантот на Сојузничката команда на здружени сили во Неапол, адмиралот Роберт Бурк од своја страна нагласи дека му е чест што предводи делегација на Алијансата по повод првата годишнина на Северна Македонија во НАТО и го истакна придонесот што земјата го даваше и во периодот пред пристапување во членството во сојузот, и дека значаен удел за успешното остварување на овој процес имаше лидерството на земјата во последните 4 години кога се донесоа најзначајните одлуки за остварување на оваа цел.