ПОПИСОТ ЗАПОЧНА УСПЕШНО ПО 20 ГОДИНИ, ПОПИСОТ СЕ СПРОВЕДУВА ЗА ГРАЃАНИТЕ, СИМОВСКИ: ВРЗ ОСНОВА НА ТОЧНИ ИНФОРМАЦИИ СОБРАНИ ОД ПОПИСОТ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ КРЕИРААТ РАЗВОЈНИ ПОЛИТИКИ ЗА СЛЕДНИТЕ 10 ГОДИНИ

0
626

“Успешно започна Пописот на населението, домаќинствата и становите низ државата, никаде нема одбивања за попишување, ниту пак има технички проблеми” – директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

“По 20 години го дочекавме денот да започнеме со спроведување на најважната статистичка операција во државата, Пописот на населението, домаќинствата и становите. Посакувам на сите оваа операција да ја завршиме успешно, да се соберат сите информации за сите граѓани, со една единствена намера, истите да служат на оние кои треба да спроведуваат развојни политики, да имаат добра основа за такво нешто” – рече директорот Симовски.

Пописот на населението, домаќинствата и становите не служи на ниту една политичка партија, не служи ни на поединци, туку служи на оние кои ќе го планираат развојот на државата. Затоа Симовски ги повика граѓаните да не подлегнуваат на иницијативите да се не отвора врата. Во следните десет години кој и да е на власт, треба да гради развојни политики врз основа на овие податоци.

Процесот е организиран преку 50 регионални комисии. Во овие центри се формирани пописни комисии којшто се составени од лица вработени во локалната самоуправа и тоа највисоките лица, односно секретарите на општините се членови на овие комисии и нивната функција е да ја обезбедат целокупната логистика за спроведување на Пописот.

“Доколку некое домаќинство побара да биде попишано на мајчиниот јазик, кај него ќе биде испратен таков попишувач. Во принцип, во еден пописен круг треба да бидат опфатени од 100 до 120 домаќинства” – рече Симовски.

Доколку некој одбие да биде попишан, се покренува прекршочна и тоа против сите членови на тоа семејств. Ако неколку пати одбиваат да бидат попишани или не се дома, ДЗС нема да се откаже од целта.

Повеќето од попишувачите се вакцинирани, само мал дел не се. Се следат протоколи и се носи заштитна маска. Попишувачите се брендирани, носат маичка на која пишува Попис, а дополнително неговото име и презиме се испишани на легитимација.