ПОЛИТИЧКА ТЕЗА НА ВАСКО ЕФТОВ: ОВАА НЕРЕФОРМИРАНА ВМРО-ДПМНЕ ПОКАЖА ДЕКА НЕМА ЕНЕРГИЈА И МОЌ ЗА ДА ПРИВЛЕЧЕ НОВИ ГЛАСОВИ ЗА ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ВЛАСТА ВО ДОГЛЕДНО ВРЕМЕ

0
1551

Во емисијата “Во центар”, новинарот Васко Ефтов го анализираше политичкиот контекст после најавата за повлекување од партиското раководство на заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска и протестите на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на затворените пучисти од 27. април.

Според него, Заев и Шекеринска се во конфликт набрзо по доаѓањето на Заев за лидер во СДСМ во 2013-та год. Суштината на ова тврдење му е дека Заев предводи струмички клан и во своја близина задржува останати лица кои што му се лојални во партијата, а додека Шекеринска се базира исклучиво на моќни олигархиски врски со Штерјо Наков, Срѓан Керим, Владе Милчин и соросови структури, а од локалната власт и’ е битна исклучиво општина Центар каде што и’ е нејзината база. Исто така смета дека поранешниот лидер на СДСМ, Црвенковски подолго време бил сосема надвор од јавните политички текови, а дури пред 2 години јавно објави дека го замрзнува своето членство во СДСМ поради сериозни несогласувања со Заев во врска со надминувањето на спорот со Бугарија. Од друга страна, Црвенковски никогаш не влегол јавно во така остар судир со Шекеринска само поради нејзините моќни конекции.

Во контекст на разоткривањето на спорните тендери на екс генералниот секретар на Владата, Рашковски, тој смета дека за тоа се заслужни структурите и медиумите под капа на Шекеринска која што со такви потези се обидувала да ја поткопа моќта на Заев и во СДСМ и во Владата. Истата шема била применувана и против други лица на Заев како поранешниот директор на ФЗОМ, Дончев, кои што не биле социјалдемократи туку донесени во СДСМ од ВМРО-Народна или пак од ВМРО-ДПМНЕ. И после овие битки кои што не го дале очекуваниот ефект, Шекеринска била поразена и принудена да се повлече од второто место по важност во СДСМ и дека нема да се кандидира повторно. Затоа направи споредба дека по 28 години неприкосновена политичка кариера на Шекеринска, конечно дошло времето да си замине и таа откако претходно сличен пораз доживеал Бранко Црвенковски од Заев и од неа.

Во врска со јавното противење на директорот на ДПИ, Пауновски, Ефтов смета дека и тоа има подлабока позадина. Во ретроспектива наведе дека Пауновски бил избран на листа на СДСМ во ИЕ 6 и во 2011. (додека беше лидер Црвенковски) и во 2014. година (откако веќе една година лидер стана Заев) и дека цело време тој бил дел од кадрите на Шекеринска. Пауновски претходно со години работел како виш инспектор во тетовската УЈП и 20 години немал никакви проблеми со матни дилови со Албанците таму но дека сега дури јавно искажува спротивставеност на Рамковниот договор, најверојатно во координација со Шекеринска и со цел да се мобилизира голем револт на јавноста против премиерот Заев. Исто така како потенцијален соперник за превласт во СДСМ, Ефтов го посочи и министерот за внатрешни работи, Спасовски кој што јавно искажал спротивни ставови кон Заев во неколку наврати.

Ефтов го гледа Рамковниот договор и обврските кои што произлегуваат од него како голема кнедла во грлата на Македонците и после 20 години од неговото стапување на сила. Македонската јавност е револтирана дека без оглед дали ќе гласа за СДСМ или пак за ВМРО-ДПМНЕ, на крај победникот ќе биде уценуван од ДУИ и Али Ахмети за да може да состави нова Влада. Како излезно решение ја гледа можноста двете најголеми македонски партии да ги прочистат своите внатрешни редови, потоа да коалицираат меѓусебно по германски модел и со поголема политичка сила да преговараат со ДУИ или со нов албански партнер без притоа да бидат закочени неопходните процеси во државата. На таков начин би се смириле тензиите и резигнираноста кај Македонците поради политичката немоќ од евентуалниот победник во македонскиот блок во однос на барањата на Албанците.

Дополнително ги претстави и ризиците и опасностите од таквиот германски модел на коалицирање и направи споредба со македонски услови. Во Германија, поради широката коалиција на ЦДУ и СДП, партијата на Меркел изгуби помала поддршка и моментално има 27%, а додека социјалдемократите како помал партнер во власта, изгубиле драстично од својата поддршка и моментално имаат само 13%. Како нов фаворит таму се наметнуваат Зелените кои што веќе имаат 28% и се очекува да расте поддршката за нив до федералните избори наесен. Во македонската политичка реалност, една таква широка коалиција би дала премиер од победничката партија, а министер за надворешни работи од поразената за да функционираат заедно на власт. Широка коалиција под водство на Заев и СДСМ би ја намалила значително поддршката за ВМРО-ДПМНЕ под водство на неспособниот лидер Мицкоски а притоа би се отворила шанса за нова партија (можеби Левица) да се наметне како алтернатива за да ја преземе власта во Македонија. Истовремено тој ја критикуваше Левица дека не успеала да расте побрзо со политичка поддршка кај јавноста бидејќи не настапила самостојно на предвремените локални избори во Штип и бидејќи се однесува како приврзок на ВМРО-ДПМНЕ и во Собрание и во протестите за “уставобранителите” од 27. април.

За протестите на кои што учествуваше ВМРО-ДПМНЕ а формално беа организирани од националистичката дијаспора, Ефтов смета дека отсуствувале енергија и жар а не само поголема бројност на присутните. Дури и ги смета како фрлена гума за спасување на власта на Зоран Заев од страна на Мицкоски место да беа искористени за вршење посилен притисок до СДСМ за да понудат широка коалиција поради немоќ. Вака само му се дала нова шанса на Заев да му понуди широка Влада на Мицкоски од позиција на сила, во која што ВМРО-ДПМНЕ би била подредена на сите негови барања. Ефтов смета дека до викендов постоеја предуслови за моќен протест на ВМРО-ДПМНЕ кои што не биле добро искористени. Покрај скандалите на функционери од власта, ја спомна и анкетата на Телма на која што прв пат било објавено дека СДСМ заостанува со 0,8% зад ВМРО-ДПМНЕ и сето тоа опозициското раководство не успеало да го искористи во своја полза само поради својата политичка неспособност. Наведе дека неопределените гласачи ги прочитале овие протести и како парада за поддршка на криминалниот олигарх Орце Камчев и поради тоа изостанала помасовна поддршка.

Ефтов спомна и дел од своето новинарско минато додека беше директор на тв Алфа, каде што неуспешно се обидувал на тие закоравени структури во неа, да им покаже дека се неопходни три паралелни процеси: декуриризација, дегруевизација, декриминализација во ВМРО-ДПМНЕ, за да биде во можност да ја преземе власта во иднина, место само да се борат за свои интереси, привилегии и фотелји. Таа лекција требала досега да ја научи ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во спротивно Заев би можел многу подолго да трае на политичката сцена во Македонија.