ПОБЕДНИЧКИ СТАВ НА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ НА КОНГРЕСОТ: РЕШАВАМЕ НАСЛЕДЕНИ ДЕЦЕНИСКИ ПРОБЛЕМИ И ЈА РЕФОРМИРАМЕ ДРЖАВАТА И ПОКРАЈ БЛОКАДИТЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТА

0
758

Владеачката СДСМ започна со 26. Конгрес што го отвори претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој оцени во говорот дека партијата носи државнички успеси, откако во претходниот мандат на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ земјата била опустошена, изолирана, а граѓаните осиромашени. Се пофали дека ги покачиле платите, пензиите, социјалната помош, обезбедиле поврат на дел од ДДВ, ја укинале радиодифузната такса и изградиле преку 500 километри патишта. Конгресот се одржува онлајн поради пандемијата.

Според Заев, СДСМ пред граѓаните излегле со чесна понуда и со концепт за враќање на нивните пари, а тие тоа го препознале. Тој оцени дека Македонија тргнала напред, но за него немало мирно море.

“Ние од доаѓањето на власт се боревме на два фронта истовремено: на надворешен план, мораше да се решаваат наследени децениски проблеми, прашања за кои никој не собрал храброст да ги решава речиси 30 години, и на внатрешен план, од првиот ден кога почнавме да ја водиме Владата, ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата, со истата режимска матрица која прави се’ за да ги спречува реформите” – истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев во неговото обраќање на отворањето на 26. Конгрес на партијата.

“Преку храброст, визија и одлучност го решивме спорот со Грција и денес нашиот сосед е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници. Ја обезбедивме сигурната иднина на државата и народот, и го потврдивме македонскиот идентитет заедно со македонскиот јазик” – потенцираше Заев.

Лидерот додаде дека СДСМ води три битки од самото доаѓање на власт – борба против режимот и неговите остатоци, борба за подобар живот и за европски стандарди дома, како и борба за безбедна и сигурна иднина во НАТО и ЕУ.

“Со многу трпение и прецизно планирање, со мудри одлуки, со посветеност и над се’ со борбеност, ги добивме сите битки во изминатите четири години” – истакна Заев.

“Нашиот белег како партија беше и сè уште е – никогаш да не калкулираме со политичкиот рејтинг кога станува збор за националните прашања. СДСМ се вложи во целост и го поведе народот кон решавање на повеќедецениските прашања кои ја загрозуваа иднината на земјата” – истакна лидерот на СДСМ.

Според него, преку Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, државата ја потврдила искрената добрососедска намера кон сите соседи.

“Република Северна Македонија ниту ќе провоцира, ниту ќе коленичи. Ние не сме проблем, ние решаваме проблеми” – порача Заев.