ПО АФЕРАТА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ СО ШПИОНСКИОТ СОФТВЕР “ПЕГАЗ”, РЕАКЦИЈА НА УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН: НЕПРИФАТЛИВО Е СЛЕДЕЊЕ НА ПОЛИТИЧАРИ, НОВИНАРИ И АКТИВИСТИ ВО ЕУ БИДЕЈЌИ ТОА ЈА НАРУШУВА ПРИВАТНОСТА И СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ

0
856

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен изјави дека е апсолутно неприфатливо, властите или тајните служби да го користат израелскиот софтвер “Пегаз” за шпионирање новинари и активисти на невладини организации.

“Проверуваме дали се случило тоа, но ако е точно тогаш е апсолутно неприфатливо и е спротивно на сите правила. Во Европската унија имаме слобода на медиумите и слобода на говор, и тоа е еден од столбовите на Унијата” – истакна Фон дер Лајен на прес-конференција со чешкиот премиер Андреј Бабиш.

Таа реагираше на медиумските објави за скандалот во кои се вмешани некои влади и разузнавачки служби, меѓу нив и од ЕУ, конкретно спомнувајќи ја Унгарија. Шпионскиот софтвер „Пегаз“ служи за хакирање и прислушување мобилни телефони. Иако бил развиен за борба против терористите, потоа бил користен и за шпионирање новинари и активисти на НВО.

Софтверот “Пегаз” е во состојба да ја следи не само целата комуникација на мобилниот телефон, туку и да го пренесува она што го покажува камерата. Тоа е заклучок од анализата на германските медиуми и организациите “Форбиден Сторис” и “Амнести Интернешeнл”.

По проучувањето на 50 000 телефонски броеви во тоа истражување, откриено е дека “Пегаз” бил инсталиран во телефоните на повеќе од 180 новинари, стотици активисти, државници и дипломати.