ПЕНДАРОВСКИ НА СРЕДБАТА СО ШАРЛ МИШЕЛ ВО БРИСЕЛ: ПРВО ТРЕБА ДА СЕ ФОРМИРА НОВА БУГАРСКА ВЛАДА ПА ДА СЕ НАДМИНЕ БИЛАТЕРАЛНИОТ СПОР

0
885

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во рамки на работната посета на Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

На средбата било разговарано за европската интеграција на Северна Македонија, за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција, за процесот на проширување на Европската Унија, како и за актуелните предизвици во регионот, во контекст на пандемијата на Ковид-19.

“Неколку прашања разговаравме со моите соговорници. Првото прашање беше како се справуваме и во која фаза сме од имунизацијата со вакцини против Ковид-19. Во таа смисла јас изразив исклучителна благодарност до европскиот солидарен фонд, кој веќе од следната недела ќе почне да ги испорачува количините од Фајзер, кои се договорени преку посредникот Австрија, како земја-членка на Европската Унија и тоа ќе го прави неделно и месечно во наредните два квартали. Најголем дел од времето потрошивме на проблемот што го имаме со Бугарија, значи тој проблем што Бугарија го има со нас” – рече Пендаровски.

Според него, не постои целосен консензус за организирање на првата меѓувладина конференција поради противењето на Бугарија. Проблемот како што вели е во тоа што изборите во Бугарија завршија меѓутоа без јасен победник и според последните информации сосема е можно Бугарите да одат на нови предвремени парламентарни избори, веројатно во јуни месец и ако е тоа случај во следниве шеесетина денови би имале само т.н. техничка или службена Влада која нема да има големи овластувања. Нема да има јасен политички легитимитет да навлегува во овие прашања.