ПАРТИЈАТА НА СЛАВИ ТРИФОНОВ ВЕЌЕ ГО ИЗЕДНАЧИ РЕЈТИНГОТ СО ПАРТИЈАТА ГЕРБ НА БОЈКО БОРИСОВ

0
781

Постизборната конфузија во Бугарија околу формирањето на новата влада донесе поместување во рејтинзите на политичките партии. “Има таков народ” на шоуменот Слави Трифонов три недели по изборите ја зголеми популарноста кај граѓаните, барем според анкетите, додека ГЕРБ на сѐ уште актуелниот премиер Бојко Борисов, загуби неколку проценти од поддршката.

Според анкетата на агенцијата “Маркет линкс”, двете партии сега се речиси изедначени во поддршката: за ГЕРБ на новите избори би гласале 21,1%, додека за “Има таков народ” – 20,3%. Резултатот од изборите на 4. април беше речиси 9% разлика за ГЕРБ: партијата на Бојко Борисов освои 26,2% а на Слави Трифонов 17,7%.

Резултатите за довербата во политичките лидери е во голема полза за Трифонов: во него доверба имаат огромни 41,6% додека во Борисов 21,5%.

Кај другите партии соодносите се релативно слични. Бугарската социјалистичка партија во анкетата има поддршка од 16,5% (на изборите освои 15%), Демократска Бугарија го поправила својот скор и сега има поддршка од 11,9% (на изборите 9,5%), а партијата на Турците, ДПС е нешто послаба во поддршката со 9,4%.

Во новиот парламент изгледа дека сигурно би влегла и другата протестна партија “Исправи се, мафијата надвор!” со 5,9% (на изборите освои 4,7%), додека ВМРО на Красимир Каракачанов според оваа анкета повторно ќе остане надвор од парламентот, затоа што со 3% поддршка не може да го помине прагот од 4%. Веројатно затоа последниве денови има повици од лидерите на другите националистички партии за обединување на патриотскиот блок за да се влезе во парламентот.

Интересно е што во анкетата спроведена од 16. до 23. април дури 60% од граѓаните изјавиле дека сигурно ќе учествуваат на новите избори, што е повеќе од 10% од оние што излегоа на 4-ти април.

Новиот парламент усвои промени во изборното законодавство, со кои ќе се избере нова централна изборна комисија, ќе се гласа со машини и ќе се зголеми бројот на местата во странство каде што ќе може да се организира гласање. Претседателот Румен Радев најави дека последниот трет мандат за формирање влада ќе им го даде на социјалистите и изрази надеж дека бугарските социјалисти ќе ја искористат оваа можност во обид да формираат кабинет на демократската алтернатива. Без поддршка од трите протестни партии таа мисија е невозможна, освен ако БСП не се здружи со ГЕРБ за да направи влада на партиите кои се за статус кво, како што тие две формации се оценуваат во бугарската јавност.

Слави Трифонов го врати мандатот за неговата партија во истиот миг кога го доби, образложувајќи дека не сакаат да бидат уценети од досегашните мејнстрим партии кои донесоа голема корупција во Бугарија.