ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ПАРТИИ НАПРАВИЈА КОМПРОМИС ЗА 2% ПОТПИСИ ОД ВКУПНИОТ БРОЈ ГЛАСАЧИ ЗА НЕЗАВИСНИТЕ ЛИСТИ, МАРИЧИЌ: НЕ СЕ НЕДОСТИЖНИ ТИЕ 2% НА ЛОКАЛНО НИВО ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ЛИСТИ

0
1080

Добар дел од јавноста смета дека е нефер потегот на големите партии кои се договориле непосредно пред локалните избори, експресно да го изменат Изборниот законик и да ги условат независните кандидати да мора да обезбедат потписи од 2% од гласачите во општината.

“Не се недостижни 2% потписи од вкупниот број запишани избирачи во една општина за учество на локалните избори ако независните кандидати навистина имаат поддршка” – рече министерот за правда, Бојан Маричиќ бранејќи го парламентарниот компромис.

Измените на Изборниот законик со новиот модел со полуотворени листи што се планира да стартува на локалните избори наесен, веќе беше усвоен на седница на Владата по претходен договор на парламентарните партии.

Првичниот предлог на Министерството за правда бил процентот за учество биде 1%, но некои партии лицитирале со праг од 3% и 5%. Сепак компромисот бил постигнат на 2%.

Препораката од ОБСЕ е во сите општини прагот за учество на независните кандидати за локалните избори да биде изедначен според бројот на гласачите.

Според новиот модел на гласање, граѓаните за првпат ќе имаат можност да гласаат и за партија и за еден од кандидатите на советничката листа на таа партија. Прагот за да биде избран еден советник е да го заокружиле неговото име најмалку 3% од гласачите во општината.

Ако граѓанинот ја заокружи само партијата, тогаш гласовите пропорционално ќе се прелеваат на кандидатите по редослед како што се наведени на листата на советници.

Ако граѓанинот заокружи повеќе кандидати за советници, гласачкото ливче ќе биде неважечко само во тој дел, а гласот за партијата ќе важи.

Ако еден советник добие 3 %, на останатите кандидати од листата им се прелеваат гласовите од партијата по редослед.