ОТВОРЕН БАЛКАН ЌЕ ДОНЕСЕ СЛОБОДНА ТРГОВИЈА И ПОГОЛЕМ ЕКОНОМСКИ РАСТ ВО ТРИТЕ ЗЕМЈИ, ЗАЕВ: ЌЕ ИЗБЕГНЕМЕ ВОВЕДУВАЊЕ НА ЕДНОСТРАНИ ТАРИФИ И ДАВАЧКИ И ЌЕ ГО ЕЛИМИНИРАМЕ ЧЕКАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ

0
679

Премиерот Зоран Заев објави дека целокупната размена на стоки и на услуги помеѓу Северна Македонија, Србија и Албанија ќе биде без царини и дополнителни давачки, со што ќе се овозможи зголемување на трговијата и поголем економски раст.

“Нашата цел е да има 0 царини, слободна трговија, да нема граници за застанување на граѓаните и на камионите. И во такви околности не може никому да му падне на памет од било која земја да воведува нови царински тарифи, нови давачки, затоа што ќе нема можност” – рече Заев на заедничка прес-конференцијата со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.

Отворен Балкан ќе функционира како една отворена економија која што вработува и се движи.

“Нашата цел е 100% за сите стоки да има слободна трговија и 100% за сите услуги да има комплетна соработка без било какви царини. 100% за движење и за мобилноста на луѓето, капиталот. Исто како што граѓаните на Северна Македонија работат дома, да можат исто така слободно да работат во Ниш, Саранда или на други места и обратно. Вака заедно регионот ќе отвори перспективи во глобалната борба” – рече премиерот Заев.

“Платформата Отворен Балкан му е потребна на регионот. Денеска овде се одржуваат стотици билатерални средби помеѓу компаниите од нашиот регион. Целиот регион треба да биде една целина. На сите ни е јасно дека во заедништвото и во соработката е и силата. И тоа им го должиме на нашите граѓани. Сите знаеме дека и другите земји од Европа повеќе ќе не’ почитуваат и ќе соработуваат со нас ако бидеме здружени” – изјави премиерот Заев.