ОТКУПОТ НА ИНДУСТРИСКОТО ЈАБОЛКО ОДИ БАВНО И ТЕШКО ЗА 2 ДЕН/КГ: ОВОШТАРИТЕ БАРААТ ДА ПРОДОЛЖИ ДРЖАВНАТА ПОДДРШКА ОД 3 ДЕН/КГ ДО ЈУНИ

0
600

Откупот на преспанското јаболко тече многу бавно, а производителите бараат владината субвенции од 3 денари по килограм предадено индустриско јаболко да продолжи до 30 јуни идната година.

Претседателот на Здружението на овоштари, Љубен Пампулевски рече дека околу 40% од индустриските јаболка останале недособрани, а голем дел од собраните стоеле поради немање откуп. Откупната цена е 2 денари по килограм и 3 денари субвенции од државата за продадени индустриски јаболка до денес.
“Целиот откуп беше тргни-застани. Одеше многу бавно, со огромни застои. Сè уште има индустриски јаболка собрани во вреќи, натоварени во приколки и чекаат да бидат предадени. Нема капацитети да ги примаат и преработат за краток временски период, бидејќи се работи за големи количини. Добар дел од овоштарите не успеаја да го дособерат и продадат индустриското јаболко” – рече овоштарот Пампулевски.

Ако не се продолжи рокот за државните субвенции, јаболкопроизводителите очекуваат намалување на ниската откупна цена на трпезното јаболко, кое се продава за 8-10 денари/кг за сортата ајдарет и 10-12 денари/кг за црвен и златен делишес.