ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОКРЕНА ПРОЦЕС ПРОТИВ 9 ЛИЦА ОД КОИ 2 ПОЛИЦАЈЦИ И 5 ЦАРИНИЦИ ЗА ВКЛУЧЕНОСТ ВО ТРАНЗИТ НА ДРОГА ПРЕКУ СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ

0
938

По налог од надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, МВР спроведе акција на повеќе локации во Куманово и Скопје.

“Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против деветте лица од кои двајца полициски службеници и петмина царински службеници. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело криумчарење од член 278, а на тројца на товар им се става и кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215 од Кривичниот законик” – информираа од Обвинителството.

Полицајците и цариниците учествувале во пренесувањето на дрогата.

“Во текот на месец ноември 2021 година, четворица осомничени меѓу кои два полициски службеници, како и повеќе лица земале учество во неовластено пренесување за продажба на прекурсори кои во два наврати организирано требало да пренесат стока од царинската испостава Меѓународен Аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница помеѓу Северна Македонија и Косово.

Осомничените царински службеници спротивно на нивните службени надлежности и покрај тоа што за пристигнатата стока модулот за управување со ризик при системот СОЦДАД определил црвен канал, што подразбира задолжителен детален преглед со кој ќе се спореди фактичката состојба со декларацијата, не постапиле и не извршиле соодветна контрола со која би ги утврдиле неправилностите. Со ваквото постапување како службени лица овозможиле преку царинска линија пренесување на стоки различни од декларираните” – изјавија од Обвинителството.

Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд.