ОХРАБРУВАЧКИ СИГНАЛИ ВО КОРОНА КРИЗА, ЗАЕВ: ИНВЕСТИЦИЈА НА ЛЕАР ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА И 1500 РАБОТНИ МЕСТА ВО ТЕТОВО

0
786

Во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово денеска е поставен камен темелник на нова заедничка инвестиција на американската компанијата ЛЕАР и Нормак Инвестмент Груп, која ќе отвори можност за вработување до 1500 лица.

Станува збор за инвестиција од 15 милиони евра, односно втор производствен погон кој што се гради на површина од 8 илјади метри квадрати, а плановите на инвеститорот се до ноември 2021. година објектот да биде завршен.  

На настанот се обрати премиерот Зоран Заев кој истакна дека фабриката на американската компанија која е светски лидер за седишта на возила со високи перформанси водечки во оваа индустрија, располага со врвна технологија и производни капацитети за сечење кожа и платно.

“Ваквите големи инвестиции се поддржани од државата и инвеститорите имаат големи поволности и низа олеснувања во повеќе фази низ процесот на инвестирањето. За сметка на тоа овие инвестиции даваат голем придонес за локалниот регион во контекст на вработување, развој на човечкиот капитал, дополнително ја подобруваат извозната структура креирајќи производи  со повисока додадена вредност. Исто така го подобруваат технолошкото ниво на економијата, а се подобрува и пристапот до меѓународните пазари на капитал” – рече Заев. 

Тој нагласи дека и во услови на пандемија, Владата силно се залага за одржување и зајакнување на економската активност и укажа на шесте пакети на економски мерки со кои беше поддржано стопанството и граѓаните, а паралелно работиме и на подобрување на деловниот амбиент на среден и долг рок.