ОД ВТОРНИК ЗАБРЗАНА ИМУНИЗАЦИЈА, ФИЛИПЧЕ: ВАКЦИНАЦИЈАТА ЌЕ ТЕЧЕ СПОРЕД ПРИЈАВУВАЊЕТО НА ВЕБСАЈТОТ ВАКЦИНАЦИЈА.МК

0
932

“Граѓаните треба да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука се генерираат приоритетите. Ќе добијат или СМС порака или мејл или на двата начини, во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време” – изјави министерот за здравство Венко Филипче откако денеска пристигнаа 200 000 вакцини Синофарм со кои што по празниците треба да се забрза масовната имунизација.

Тој апелира граѓаните да се пријават на vakcinacija.mk, истакнувајќи дека тоа е најсоодветниот и најбрз начин за пријавување. Сега има поголема количина на вакцини и повеќе пунктови на располагање, а дневно ќе се вакцинираат од 10 илјади до 15 илјади лица. 

За месецов најави уште 600 000 вакцини од Кина, односно околу 500 000 дози Синовак и 100 000 дополнителни дози Синофарм, како и 26 000 дози од Фајзер. Се’ уште нема точен термин за тоа кога и колкава количина ќе стигнат од руските вакцини, а станува се понеизвесно пристигнувањето на вакцините на АстраЗенека имајќи ја предвид состојбата со вирусот во Индија.

Доколку не стасаат вакцините на Астра Зенека до термините за ревакцинација на нашите државјани кои со оваа вакцина се вакцинираа во Србија, со српските здравстевни власти е разговарано и тие вакцини од Србија  да ги донесат кај нас и тука да се спроведе ревакцинацијата.

“Зборуваме за граѓаните над 60 години кои треба да се ревакцинираат после 12 недели од првата доза. За останатите возрасни групи граѓани ги следиме препораките на некои од европските земји. Германија на пример препорачува ревакцинација со друга вакцина, нашите стручни лица од Националниот комитет ги следат препораките и ќе излеземе и ние со соодветни препораки” – изјави Филипче.