ОД ВКУПНО 106 ПОЖАРИ ДОСЕГА НИЗ ЦЕЛА ДРЖАВА, АКТИВНИ СЕ САМО 2, СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ: КОМИСИИ ВРШАТ ПРОЦЕНА НА ШТЕТИТЕ И СИТЕ ЗАСЕГНАТИ ГРАЃАНИ ЌЕ БИДАТ ОБЕСШТЕТЕНИ

0
1040

Денес активни се само 2 пожари, едниот е кај селата Раовиќ и Буковиќ од страна на Сува планина, а другиот е во атарите на селата Ракле, Никодин и Топлица.

“На потегот од село Буковиќ кон село Чајлане е се’ уште пожарот активен. Ангажирани се сили за гаснење, а во поплладневниве часови се планира да се активира и еден хеликоптер од Армијата. Активен е и пожарот во атарите на селата Ракле, Никодин и Топлица во Прилеп. Гори кракот од село Ракле кон село Крсец и се проширува кон место викано Фаришки лозја, кавадаречко, а тој терен е недостапен и многу тешко е да се гасне пожарот” – информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека до денес имало вкупно 106 поголеми шумски пожари. Најлошо поминаа општините Берово, Пехчево и делумно Делчево. Тие пожари се успешно изгаснати.

Изгорени се десетина објекти, пред се’ стари куќи и придружни објекти, како што се штали, плевни и изгорен е покрив на куќа во Кочани.

“Од страна на општините се формирани комисии кои детално ќе ја утврдат штетата и граѓаните ќе бидат праведно обесштетени. Воедно и Владата е овде ако има некаде поголема штета да ја надомести. Но во овој момент слободно можеме да констатираме дека штетите во населените места, во селата и градовите се навистина мали имајќи го во предвид обемот на пожарите кои ја зафатија државата” – рече Ангелов.