ОБРАБОТКАТА НА ПОДАТОЦИТЕ ОД ПОПИСОТ ЌЕ ТРАЕ ДО КРАЈОТ НА МАРТ, СИМОВСКИ: ПОПИСОТ БЕШЕ УСПЕШНО СПРОВЕДЕН СО ПОЧИТУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРОТОКОЛИ

0
559

“Пописот 2021 успешно се заврши и покрај сите неповолности. Сега треба да ги обработиме податоците и на крајот на март, почетокот на април идната година да излеземе со конечните податоци од пописот, што е полесниот дел од работата, бидејќи зависи само од нас, без надворешни фактори” – изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

“Клучната работа е дека покрај сите неповолности како што е пандемијата, одложувањето поради политички причини, летните одмори, отворената кампања за бојкот, како и техничките проблеми со апликацијата и тоа што бевме постојана цел на хакерски напади, пописот е успешно спроведен” – рече Симовски.
“Со самото спроведување на пописот, како институција, се надевам покажавме дека може да се враќа вербата во институциите во државата. Дека постојат институции кои што функционираат како што треба, дека не сме класична бирократија и дека постоиме за другите” – изјави директорот Симовски.

Пописот беше спроведен со почитување на сите здравствени протоколи и потврда за тоа е што само 8 попишувачи заболеле од корона.

“Речиси 5000 луѓе беа вклучени во целата операција. Осум попишувачи заболеа од ковид во оваа операција и немаме досега добиено информација дека кое било домаќинство имало проблем во овој дел, дека некој заболел затоа што попишувачот го пренел, а само еден државен инструктор во домашни услови го добил. Тоа покажува дека ги следевме максимално поставените протоколи и тие биле навистина добри” – изјави Симовски.

Тој повтори дека нема да остане ниту еден човек кој што нема да биде дел од конечните податоци од пописот откако ќе се заврши со прочистување на датабазата.

“Нашата обврска како институција е сите субјекти во државата да добијат навремена, квалитетна и точна информација, врз основа на кои што ќе креираат квалитетни политики, на развој, образование, економија” – изјави Симовски.