НИКОЈ НЕМА ДА НИ ДОЈДЕ НА ВРАТА СО РЕШЕНИЈА КАКО ДА СИ ГИ РЕШИМЕ ПРОБЛЕМИТЕ, ИМЕР СЕЛМАНИ: ЗАЕВ ПОКАЖА ХРАБРОСТ, ОДЛУЧНОСТ И СЕ ЖРТВУВАШЕ ЗА ДА СЕ РЕШИ СПОРОТ СО ГРЦИЈА

0
1108

Поранешниот министер Имер Селмани во интервју за Утрински брифинг даде свои мислења за владеењето и оставката на премиерот Зоран Заев и за настапот на претседателот Стево Пендаровски. Според него, по оставката на Владата на Заев не треба да се забарикадираме и да чекаме додека Бугарите не се освестат и не ги сменат нивните ставови.

“Секој од нас има нијанса во размислувањата за тоа како треба да се реши спорот со Бугарија и за договор евентуално прифатлив за нас и за нашите соседи. Претседателот пред десетина дена при посетата на Приштина јавно, на ставот на бугарската страна дека им требаат уште шест месеци, излезе со став дека шест месеци се многу и дека наоѓањето решенија треба да се скрати на пократко време. И сега пласираниот став во Скопје дека не треба да брзаме, треба да се забарикадираме, ме враќа во време кога имавме претходни претседатели кои едноставно чекаа некој да им дојде на врата и да им нуди решение. Видовме дека тоа никогаш немаше да се случи да не беше Заев и екипата околу Заев со сите жртви кои се направија пред неколку години за да се реши спорот со Грција. Во таа насока сметам дека не треба да се смени ниту интензитетот ниту  треба да покажеме дисхармонија во нашите ставови. Во најмала рака претседателот, премиерот, министерот за надворешни работи треба да се консултираат еднаш неделно за сите случувања во државата” – рече Селмани.
Решавање на проблемот со Бугарија, ќе ѝ одговара и на опозицијата која бара предвремени парламентарни избори.

“На опозицијата ѝ е од корист да се реши проблемот со Бугарија, да не ѝ остане баласт и проблем или главоболка кои тие би ја решиле. Јас би ја советувал опозицијата да ја охрабрува Владата да го решава овој проблем, па ако дојде на власт опозицијата и формира Влада, да се справи со тековните проблеми во државата како што се економските социјалните, образовните, безбедносните, правните прашања итн. Но додека ни виси прашањето со Бугарија, се плашам дека тешко ќе изнајдеме сила да се справиме со сите овие тековни проблеми внатре во државата, реформи во правосудниот систем, економските битки и другите проблеми кои ги мачат граѓаните” – рече Селмани.

Потоа даде свој став и за досегашниот премиер Зоран Заев.

“Заев ќе остави длабок белег во нашата држава. Ќе се памти по храброста и одлучноста. Решавањето на проблемот со Грција и влезот во НАТО му се најголемите дострели. Меѓуетничките односи успеа да ги сведе во една константа и едноставно последните прашања кои што беа отворени согласно рамковниот договор, да се сметаат дека се затворени. Ќе остане запаметен и по одредени пропусти, гафови, избрзани изјави, но и по храброста за оставката која ја даде на две и пол години пред истекот на мандатот. Воведе многу работи, прв премиер со нов стил за комуникација со јавноста. Знам луѓе од Сарај, обични граѓани кои комуницирале со него, си постави нови стандарди, нови критериуми” – рече Селмани.