НИКОЈ НЕМА ДА БИДЕ ПОШТЕДЕН ОД ИСТРАГИ АКО ИМА СОМНЕЖИ ЗА КОРУПЦИЈА, ЗАЕВ: ФУНКЦИОНЕРИТЕ ОД ПРВ И ВТОР ЕШАЛОН ТРЕБА ДА БИДАТ ПРИМЕР ЗА ЕТИЧКО И ОДГОВОРНО ОДНЕСУВАЊЕ

0
769

“Борбата против криминалот и корупцијата продолжува и никој нема да биде поштеден од какви било индиции или постапки коишто се незаконски и водат кон корупција или криминал” – порача премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во Собранието.

“Тоа важи за тие од првиот, за тие од вториот и за било кој друг ешалон, тоа важи еднакво за сите граѓани. Имаме јасна порака до сите носители на јавни функции, до прв и втор ешалон, до државните службеници и до граѓаните: Внимавајте, затоа што сега сѐ е јавно, никој нема да биде поштеден” – рече премиерот Заев.

Тој укажа на транспарентноста во државата, поради што граѓаните јавно укажуваат на сите индиции и затоа се можни уште поголеми резултати во борбата против криминалот и корупцијата.

“Администрацијата за мене се и премиерот и министрите и замениците-министри и секако и јавната администрација, сѐ со конечна цел да бидам попрецизен. Недвосмислена и јасна порака секогаш сум испраќал и денес испраќам: законот важи еднакво за сите. Дополнително, плус етички, не само кривично, се одговорни носителите на јавните функции, колку се повисоко на функциите во ешалонот, затоа што од нив се очекува да бидат пример и не само да бидат пример, туку и да го помогнат целиот овој процес на најотчетно и најодговорно ниво” – истакна премиерот Заев.

Денес антикорупциските активности се насочени кон секого и има судски завршници, за разлика од времињата кога никој од поранешната власт не беше повикан на одговорност.