НЕПРИФАТЛИВО Е ПОЛИТИКАТА ДА РЕШАВА ИСТОРИСКИ СПОРОВИ, ДРАГИ ЃОРЃИЕВ: ПОТРЕБНА Е САМОКРИТИЧНОСТ ЗА ДА СЕ ИЗБЕГНЕ ПОЛИТИЗАЦИЈА НА ИСТОРИЈАТА

0
752

“Апсолутно неприфатливо е политиката да ги решава историските спорови или историчарите да ги решаат политичките спорови. Самокритичноста е основниот елемент кој ќе може да не’ придвижи напред, а не идејата дека ние ја поседуваме историската вистина за што било, и другата страна мора да ја прифати таа вистина. Тоа е патот кој не води никаде” – рече професорот Драги Ѓорѓиев, копретседател на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

“Отсекогаш имало политизирање на историјата или историцизирање на политиката на Балканот и тоа е еден од големите недостатоци на нашите историографии, па дури и во учебниците по историја, определени личности и настани од минатото се митологизираат. Се прават митови од нив кои потоа се злоупотребуваат политички. Нашата цел како Комисија е токму тоа: да се избегне злоупотребата на историјата во политички цели, бидејќи на Балканот отсекогаш се правело тоа. Нашата цел е во правењето на препораки за подобрување на учебниците, да се дадат препораки кои ќе го сведат на нула политизирањето на одредени личности, кои потоа се користат во дневно-политички цели” – истакна професорот Ѓорѓиев во гостувањето на емисијата “Само вистина” на Канал 5.