НЕОДГОВОРНОТО ОДНЕСУВАЊЕ НОСИ И ПОВИСОК ПРОЦЕНТ НА ИНФЕКЦИИ, Д-Р СТЕВАНОВИЌ: НАШИОТ НАРОД ОЧИГЛЕДНО НИШТО НЕ МОЖЕ ДА ГО СПРЕЧИ ЗА ПРОСЛАВИТЕ ИАКО ЦЕНАТА ПО ЗДРАВЈЕТО СТИГНУВА ПОДОЦНА

0
558

“Големиот број на новоинфицирани со Ковид-19 посебно помеѓу младата популација е последица на прилично неодговорно однесување, континуирано, а посебно во периодот на предновогодишни и новогодишни прослави” –  рече директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ.

“Во изминативе 2 години бевме сведоци на сериозно непочитување на и далеку построги мерки за превенција на Ковид, нашиот народ очигледно не може никој и ништо да го спречи во прославите независно од висината на чекот кој ќе го платат лично, фамилијарно а на жалост и колективно. Белиот мантил интензивно и гласно повикуваше за сериозна потреба од одговорно однесување за претпразничен и празничен период, но на жалост толку е вербата во нас и респектот кон нас белите мантили, се разбира додека не дојде маката на врата” – рече д-р Стевановиќ.

Тие кои што сакаат поголема сигурност се вакцинираат редовно и според препораките се во поголем број. Третата доза вакцина е неопходна за зголемување на имунитетот и заштитата од Ковид-19.

“Ниту пак прележаните за кои некои мислеа дека се повеќе заштитени, денеска гледаме дека не се. Омикронот има далеку поголема моќ за реинфекција што деновиве ја констатираме по нашите амбуланти. Што се однесува до заштита на вакцините, никогаш ниту една вакцина не обезбедила 100% заштита. Нивната заштитна моќ ќе биде различна зависно од мутациите на одредени соеви на вирус. Но од секоја една од нив очекуваме далечна заштитна моќ зависно од мутациите на одредени соеви од вирус, од секоја очекуваме далеку полесна болест” – рече д-р Стевановиќ.