НЕМА ВОВЕДУВАЊЕ НОВИ ДАНОЦИ, ПОДОБРЕНА Е НАПЛАТАТА НА ДАНОЦИТЕ, БЕСИМИ: ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА ПРЕДВИДОВМЕ ВО БУЏЕТОТ 130 МИЛИОНИ ЕВРА

0
901

“Буџетот за 2022 година е проектиран на постојниот даночен систем и не се предвидени нови даноци или даночни оптоварувања за граѓаните” – изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Не е предвидено зголемување на даноците, ниту за покривање на енергетската криза затоа што во буџетот се обезбедени околу 130 милиони евра за оваа намена.
Нови даноци не се предвидени во Стратегијата за реформа на даночниот систем, за која што тој денеска разговараше со директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Целта е да има поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспареност и подобар квалитет на услугите.

Минатата година има надминување на проекциите во наплатата на даночните приходи и придонеси. Реализацијата е за 2% повеќе од планираното. Ова дава сигнал дека економијата се опоравува и ќе се остварат проекциите за 2022 година. Исто така подобрен е и буџетскиот дефицит.

“Само врз основа на подобрата наплата на даноците, буџетскиот дефицит е намален за 0,5% од БДП. Затоа сакам да укажам дека тоа што се прави во делот на реформите во УЈП за да се добие поправичен даночен систем значи подобра економија, подобар стандард и подобар квалитет на живот. Затоа годината ја почнуваме со средба во УЈП” – изјави министерот Бесими.