НЕМА ОПАСНОСТ ОД НОВ НАПЛИВ НА МИГРАНТИ НА НАШИТЕ ГРАНИЦИ, СПАСОВСКИ: МВР Е СПРЕМНО ДА ОДГОВОРИ НА СИТЕ ИДНИ ПРЕДИЗВИЦИ

0
673

“Во овој момент МВР нема индиции дека може да дојде до сериозно зголемување на бројот на мигранти и да се врати некаква состојба што била во минатото. Таква работа нема заради тоа што не е функционална т.н. западнобалканска рута. Нема зголемување на бројот на илегални обиди за влегување во државата. МВР е подготвено максимално да одговори на секој предизвик, но во овој момент нема посериозни индиции оти може да биде зголемен бројот на мигранти кои ќе поминуваат низ територијата на државата и да биде нарушена безбедноста” – одговори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање дали може олабавувањето на ковид мерките во државата да придонесе за мигрантски бран и зголемен нелегален транспорт на мигранти на територијата на Северна Македонија.

“Од септември месец минатата година ние имаме посебна оперативна акција што се занимава исклучиво со спречувањето на илегалната миграција и дава сериозни резултати во тој дел. Имаме многу ефикасност во делот на одбивањето на таквите илегални обиди. Само минатата недела имаме околу 500 обиди илегални што се одбиени, односно не е дозволен илегален влез на територијата на државата” – изјави министерот Спасовски.