НЕМА НОВИ ДОГОВОРИ СО БУГАРИЈА, ЗАЕВ: СО ПОРТУГАЛСКИОТ ПРЕДЛОГ НА МАСА СЕ БАРА ФОРМУЛАЦИЈА ЗА НАШАТА ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА СО ЕУ

0
846

Премиерот Зоран Заев изјави дека не се преговара за нов договор со Бугарија, туку се бараат формулации за преговарачката рамка со ЕУ. Повтори дека не се преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

“Ние немаме преговори, ниту пак правиме нов договор со Бугарија, се бараат формулации за делот на преговарачката рамка што ја носи Европскиот совет, значи одлуката е таму, не се одлучува нешто во Бугарија или во Северна Македонија” – рече Заев.

Повтори дека предлогот за кој се разговара во европските институции и билатерално помеѓу двете земји е португалскиот и оти првичните реакции од бугарска страна не се негативни.

“И од наша страна рековме дека е добра основа и да му дадеме шанса на процесот затоа што за нас е важно тоа што го сфати цела ЕУ, а гледам го сфаќа и пријателска Бугарија: македонскиот јазик и македонскиот идентитет се неприкосновени и за нив нема никакви разговори. Ова го соопштивме јавно, секаде и на сите состаноци во Брисел: додека е на маса или некој има намера да ги стави на маса, за разговори и преговори, македонскиот јазик и македонскиот идентитет ние не преговараме. А сега гледате дека разговараме, значи ова прашање е тргнато на страна” – рече Заев.

Неодговорните статуси на Фејсбук од страна на опозицијата и коментарите во јавноста, не и’ носат добро на државата, потенцирајќи дека државата мора да чекори напред и да наоѓа решенија.

“Сме кажале дека е заедничка грижата за нашиот јазик и нашиот идентитет. Португалскиот предлог го имаат и опозициските партии, за тоа сум сигурен и знам дека е така. Драго ми е што не излегуваат детално да го коментираат, затоа што може да се нанесе штета, затоа што се’ уште се разговара за предлогот, но дефинитивно јас ве уверувам дека нема нешто кое што би го загрозило нашиот интерес, односно може само да ја гарантира нашата европска иднина. За други дебати секогаш сум на располагање, а штом ќе заврши оваа фаза на разговори, јас стојам на располагање да излезам на дебати со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ” – рече Заев.