НЕМА ДА ПОТПАЃАМЕ НА ЕВТИНИ ПОЛИТИЧКИ ПРОВОКАЦИИ, БУЈАР ОСМАНИ: ЌЕ РАБОТИМЕ СМИРЕНО И НАПОРНО СО НОВАТА БУГАРСКА ВЛАДА ЗА ДА ОБЕЗБЕДИМЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ ВО ЈУНИ-ЈУЛИ

0
899

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи беше гостин во емисијата “Топ тема” на тв Телма во која што доминантно се разговараше за евроинтеграциите и надминувањето на спорот со Бугарија. Османи рече дека македонската страна не сакаше да се однесува неодговорно на провокациите од разни бугарски политичари во екот на нивното предизборие и нивната антимакедонска реторика затоа што беше потребно да се излезе од тој магичен круг на меѓусебни навреди, омаловажувања и одржувањето на атмосфера на потполна недоверба меѓу двата народи. Притоа искажа оптимизам дека ќе биде возможно создавањето на позитивни односи со новата бугарска Влада и воспоставувањето на довербата во следниве 2-3 месеци иако за некои недоразбирања ќе биде потребно повеќе време за да се надминат и да се решат.

За снабдувањето со вакцини, рече дека целиот процес од старт го водело Министерството за здравство, а додека дипломатите биле само дополнителна поддршка кога било тоа побарано од нив. Сметаше дека во текот на корона кризата која што била крајно непредвидлива, доцна проработи и Ковакс механизмот и поради тоа беше доцнењето во доставата на вакцините и на европско ниво а не само специфично кон Северна Македонија. Истакна дека со порастот на производството на вакцините, ова веќе не претставува геополитички натпревар туку исклучиво здравствено прашање како што е и со набавката на било кој лек. Истакна дека во директни преговори со производителите договорија доволно количини по мислење на здравствените стручњаци за епидемиологија, но сепак се чекаше на процесот на одобрување и на Европската агенција за лекови (ЕМА) пред да започне процедурата и за увоз. Иако сето ова траеше доста бавно, сепак не е во ред да молчиме додека ЕУ ни помага во разни други сфери со години, а притоа во ек на криза гласно да го доведуваме во прашање нејзиниот кредибилитет. Нагласи дека ЕУ сепак го третира Западниот Балкан како подеднакво важен регион и затоа и за Северна Македонија ќе бидат обезбедени уште 100 илјади вакцини од Фајзер преку директна поддршка.

Министерот Османи рече дека планот на Владата е сите министри да се вакцинираат со различен вид на вакцина со цел да се зголеми довербата на јавноста за безбедноста на вакцините. Но исто така појасни дека прво ќе почекаат одреден дел од населението да се имунизира па потоа на ред ќе дојдат и министрите, со цел да не се создаде перцепција во јавноста дека тие би биле посебно привилегирани во тој аспект.