НЕ Е ПРОБЛЕМ СО СНЕГОТ ВО ЗИМА ТУКУ ВО НЕОПХОДНАТА ОПРЕМА ЗА РАБОТА, АНГЕЛОВ: РАСПОЛАГАМЕ СО МАЛКУ ВОЗИЛА КОИ ШТО СЕ СТАРИ И ЧЕСТО СЕ РАСИПУВААТ

0
708

“Снежните врнежи не треба да нѐ изненадат во декември и јануари, нормално е овие месеци да падне снег” – рече директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Веќе имал координативен состанок на субјектите вклучени во системот за управување со кризи и констатирале дека ЈП “Македонија пат” има план за делување. Проблем претставува малиот број возила со кои располага јавното претпријатие.

“За жал од она што можевме вчера да го констатираме бројот на возила кој го поседува ЈП “Македонија пат” не е доволен и тоа не е ново. Ваквата состојба трае не со години, туку со децении наназад. И покрај тоа што нема доволен број возила, дел од постоечките возила се доста застарени и често се случува додека интервенираат на патиштата, да доаѓа до разни дефекти кои се отстрануваат на лице место за да можат да продолжат со чистење” – рече директорот Ангелов.

“Ние како ЦУК стоиме на располагање на граѓаните секогаш кога ќе има загрозување на нивниот живот, здравје или материјални добра. Тие треба да го повикаат бројот 195, а ние во координација со полицијата, а по потреба и со Армијата ќе им помогнеме на сите на кои им треба помош” – рече Ангелов.