НЕ Е ЛЕСНО ДА СЕ ОДРАБОТУВА ИСТОВРЕМЕНО ЗА ВМРО-ДПМНЕ И ПРОТИВ ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ, ЈОВАН ДОНЕВ: НАШАТА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА Е ТРАГЕДИЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ А КОМЕДИЈА ЗА СТРАНСКИТЕ ДИПЛОМАТИ

0
1549

Во емисијата “Што не е јасно?” беше гостин поранешниот амбасадор, Јован Донев. Според него, нашата надворешна политика е трагедија за македонските граѓани, а комедија за странските претставници и дипломати. Нема што позитивно да се очекува од посетата на Заев на Брисел бидејќи нашата држава прави се’ на наша штета бидејќи не се работи на остварување на нашите стратешки и национални интереси.

Парадоксално е неговото тврдење дека пред две-три недели, претседателот Пендаровски веќе бил во Брисел и тогаш било кажано се’ што требало да се каже и поради тоа немало потреба дополнително и премиерот Заев да отиде во Брисел и да ги добие истите пораки.

Донев смета дека Заев ја искористил посетата на Брисел само за пиар пред нашата домашна јавност. Брисел не решава за преговорите на Македонија со ЕУ туку Советот на земјите-членки. Заев не можел ништо ново да очекува од средбите со Фон дер Лајен, Борел или Вархеи бидејќи тие ги пренесуваат само официјалните ставови на Унијата.

Со години наназад, Бугарија не ги смени своите ставови и Македонија требала долгогодишно да ја следи ситуацијата и да работи на тој проблем сериозно и стратешки. Бугарија не признава македонски јазик и идентитет повеќе од 30 години и сме требале одамна да се подготвиме за можно бугарско вето поради вакви антимакедонски позиции.

Смета дека секоја земја од регионот треба да напредува со преговорите кон ЕУ откако ќе ги исполни критериумите и не треба да бидеме непринципиелни со инсистирање на заеднички пакет со Албанија. Со тоа се губи и кредибилноста во македонската надворешна политика бидејќи како мала земја не можеме да ги наметнеме нашите принципи на големите земји без притоа да се придржуваме на обврските кои што требаше да ги оствариме.

Тврдеше дека ЕУ нема намера да ја притиска Бугарија за да го промени ставот кон Македонија. Меѓународните односи не функционираат на тој начин во рамки на ЕУ. Нема шанси голема земја-членка да и’ се закани на Бугарија во корист на Македонија бидејќи ние сме во инфериорна позиција.

Бугарија постојано јавно ја прокламира својата надворешна политичка агенда со обвинувања кон Македонија поради нашето комунистичко минато и наводни антибугарски позиции а нашите официјални лица постојано молчеа и трпеа понижувања од Владата на Борисов. Инсистираше дека меѓународната заедница не барала од нас да потпишуваме договор со Бугарија и потоа да бидеме обвинувани дека не го почитуваме.