НАД ДВА ВЕКА ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА ОРГАНИЗАТОРИТЕ И ИЗВРШИТЕЛИТЕ НА ПУЧОТ СЕ НА ДУША НА НАРЕДБОДАВАЧОТ ГРУЕВСКИ, ЕРОЛ РИЗАОВ: КОНЕЧНО СЕ ПОКАЖА НЕИСПЛАТЛИВОСТА НА ОБИДОТ ЗА НАСИЛНО РУШЕЊЕ НА УСТАВНИОТ ПОРЕДОК

0
1338

Кукавичките јајца на Никола Груевски, подметнати во туѓо гнездо, се испилија во уште четири затворски казни. По четири години “кокодакање” во судот на дел од организаторите на крвопролевањето од 27 април 2017 година, во отсуство од обвинителната клупа на главниот наредбодавач, им се изречени казни од вкупно 25 години затвор. Заедно со претходно осудените 16 лица на 188 години затвор во оваа фаза на судската постапка во врска со насилното попречување на конституирањето на парламентот по веродостојни избори, при што имаше обиди за убиство и повредени пратеници, вкупната казна досега достигна 213 години затвор за 20 луѓе.

Во очекување да се јави кукавицата од Будимпешта со своето вообичаено злокобно кукање, изигрувајќи јунак во вакви ситуации од 1000 километри далечина, сместен на безбедно, конечно се покажа неисплатливоста за обидот на насилно уривање на уставниот поредок. Останува сѐ уште незавршена работа – колку од овие два века затворски казни се на душа на Груевски, кој немаше ни грам храброст да ја преземе одговорноста за својата клучна улога на наредбодавач на најсрамниот чин во парламентарната демократија на Македонија. Но, едно е сигурно – соработниците го заштитија Груевски, но тој сите нив ги остави на цедило да ги платат неговите гревови.

Кога авторитарни водачи бегаат, страдаат соработниците

Кога авторитарните водачи бегаат во егзил, исплашени да се соочат со правдата за своите злодела, најмногу страдаат нивните соработници и извршители. Тој страв од одговорност при промена на власта е главниот мотив и да се организира државен удар, што во законот е децидно карактеризиран како терористички акт и загрозување на уставниот поредок, што одбраната го толкуваше погрешно пред јавноста како класичен терористички чин, демек не станува збор за терористи од типот на познатите злосторства со кои е соочен светот. Тероризам не е само кога експлодираат подметнати бомби, туку како што вели Меѓународниот кривичен суд и кога има злосторства организирани и поттикнати од политичките елити.

Никола Груевски во тие критични денови на секојдневни оркестрирани протести, откако јавно повика луѓето да не седат дома во папучи и да излезат да ја спасуваат Македонија, замина во Виена на некаков ѓоамити значаен состанок за кој никогаш не разбравме колкаво било значењето да се оди таму, кога во Македонија ВМРО-ДПМНЕ организираше блокада на Собранието и кога во земјата вриеше по падот на режимот. Но затоа добро се разбра колку биле жешки телефонските линии, директните и индиректните наредби за настаните на 27 април 2017 година. Тоа беше постојана практика на Груевски – да ја напушти земјата секогаш кога има деликатни ситуации, или кога треба да се изврши некакво злодело. Овој пат цената беше превисока и за државата и за партијата, која никако да го осуди ова злосторство, но и за луѓето кои ќе чмаат во затворски ќелии чекајќи да се врати Груевски на бел коњ и да ги ослободи. Неговиот намесник Христијан Мицкоски и актуелниот врв на ВМРО-ДПМНЕ и овие последни пресуди ги пречекаа со осуда како монтирани политички процеси, упорно демонстрирајќи дека настаните на 27 април биле спонтан патриотски чин на граѓаните во одбрана на уставниот поредок.

-ИЗВАДОК ОД КОЛУМНАТА НА НОВИНАРОТ ЕРОЛ РИЗАОВ