НА ПАТРИОТСКИОТ БРАНИК ОДНОВО ЗАСТАНА БОЦЕВСКИ: МОРА ИТНО ДА СЕ ПОНИШТИ ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР И ПОТОА ДА СИ ГО ВРАЌАМЕ НАЦИОНАЛНОТО ДОСТОИНСТВО

0
1409

Во емисијата “Што не е јасно?” на тв Алфа, гостуваше поранешниот амбасадор во Бразил, Ивица Боцевски. Ја оквалификува посетата на Вархеи и Силва како мисија за перење на рацете, а не булдожер мисија за решавање на спорот. Нештата во Бугарија се многу јасно дефинирани од сите политички партии за националната позиција кон Македонија со цел да го блокираат процесот на проширување.

Поради тоа, никој во рамки на Европа нема ни да мрдне против Бугарија. За Преспанскиот договор смета дека е штетно попуштање кон нашите идентитетски прашања, а истото ќе го прават и Бугарите против нас. Смета дека е потребно приближување меѓу Македонија и Бугарија и дека треба да се надмине периодот на железната завеса и јазикот на омразата но не на ваков авантуристички и бесконцептуален начин.

По негова проценка, на маса на преговорите со Бугарија се наоѓаат идентитетските прашања и иднината на оваа наша држава и со тоа Заев се коцкал на ист начин како против Грција. Затоа обвини дека СДСМ ја носи државата кон внатрешен распад. Неговата теза е дека државата престанува да постои во истиот момент кога народот престанува да верува во неа. На крајно несериозен начин, Владата на Заев дозволила носење на бугарски пропагандни елементи во Македонија да ја разнебитуваат без да постои никаков реципроцитет. Решението е или да соработуваме рамноправно или да се прекинат сите иницијативи и да чекаме на Бугарите додека да се разбудат од тој нивен лош сон за Македонија.

За навредливиот став на бугарскиот европратеник Џамбаски против Македонија и Македонците, жестоко реагираше дека нашиот министер за надворешни работи, Османи требал да им врачи остар демарш и на бугарскиот амбасадор во Македонија и на евроамбасадорот Гир. Мораме да покажеме дека и нашата толеранција има одредени граници и дека не е здраво за ништо скандалозно од бугарска страна да не реагираме официјално.

Боцевски покажа голема иритација за тоа дека Заев при посетите на Брисел глумел силен патриот и наводно го бранел јазикот и идентитетот, а притоа во секоја реченица велел Северна Македонија а претходно веќе го прифатил Преспанскиот договор. Притоа потсети дека далеку полошо и поопасно од исфрустрирано малцинство е исфрустрирано мнозинство а токму такво мнозинство е македонското денес бидејќи му се негира името Македонија, јазикот и идентитетот, културата и историјата.

Соседите ги смета дека водат шизофрена шовинистичка и националистичка политика против нас. Верува дека целта на Преспанскиот договор е да се избрише меморијата на Македонците кои што живееле и страдале во Егејска Македонија. А целта на договорот со Бугарија е да се измени културната матрица на Македонците и со процес на зближување од позиција на бугарска сила, да станеме еден народ со нив, а потоа двете држави да се обединат во рамките на територијата од санстефанска Бугарија во која што ќе живеат само Бугари.