МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО: УСПЕШНО ИЗВРШЕНА ПРВАТА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКИ

0
231

“На Клиниката за ортопедски болести штотуку заврши првата трансплантација на коска кај 19-годишен пациент, а операцијата траеше пет часа” – извести Министерството за здравство. Оттаму појаснуваат дека кај младиот пациент е трансплантирана коска од починат дарител.

“Тимот хирурзи предводен од проф. д-р Милан Самарџиски и д-р Александар Трајановски ја заврши комплексната операција на замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво од починат донатор кај пациент кој се лекува од малиген тумор на коска, по претходно спроведена биопсија и хемотерапија. Ова е прв ваков тип на интервенција на замена на оштетено коскено ткиво со дониран алографт. Во тимот учествуваа и д-р Далип Јахја, д-р Милена Богојевска Доксевска, д-р Александар Савески, д-р Резарт Далипи како и васкуларниот хирург д-р Никола Граматниковски.
Експлантацијата на коскените ткива се случи на 17 април кога тимот хирурзи од Клиниката за ортопедија предводен од д-р Александар Трајановски ја направи првата експлантација на коски и коскени ткива од починат донор. Сите експлантирани графтови беа микробиолошки тестирани и складирани за презервација на температура од -40 во Банката за коскени и меки ткива во склоп на Kлиниката” – информираат од МЗ.