МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЌЕ СЕ ВКЛУЧИ ВО УНИФИЦИРАНАТА АПЛИКАЦИЈА ЗА ВАКЦИНИРАНИ CommonPass ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА ПАТУВАЊАТА НА ГРАЃАНИТЕ СО ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

0
881

Министерството за здравство на Република Северна Македонија се приклучи кон мрежата “CommonTrust за издавање на дигитални здравствени сертификати преку новата апликација “CоmmonPass”, со што на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард “Smart Health Card”.

Тоа за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат COVID-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност.

“Со CommonPass на едноставен начин може да ги преземат резултатите од направениот COVID-19 тест и вакцинална потврда и да го покажат здравствениот статус на влез во друга држава без да откриваат други лични здравствени информации. За таа цел, во знак на поддршка, Министерството за здравство ќе ги информира сите релевантни структури кои се директно или индиректно инволвирани во областа (Институт за Јавно Здравје и сертифицирани државни и приватни лаборатории) за намената на оваа апликација и можностите кои таа ги нуди” – се вели во соопштението од МЗ.

Министерството за здравство ги охрабрува сите заинтересирани институции, установи и лаборатории, директно да контактираат со мрежата “CommonTrust” со цел приклучување на базата на акредитирани и сертифицирани установи – партнери на “CommonPass” кои ќе можат да издаваат потврди од тестови со QR код, кој потоа граѓаните ќе го скенираат во своите мобилни телефони со цел креирање на дигитална потврда. На овој начин, установите и лабораториите ќе можат за корисниците на апликацијата да издадат потврди кои ќе бидат признаени како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво.

“Со воведувањето на ваква апликација, на македонските граѓани им се овозможува флексибилност во изборот на провајдерот и начинот на кој ќе добијат бесплатна дигитална потврда за нивниот статус на имунизација и за резултатите од направените Ковид-19 тестови” – информираат од МЗ.