ПОЧИТУВАЊЕТО ЗАКОНИ ВО ЕК НА ПАНДЕМИЈА НИ Е СЛАБА СТРАНА, МВР: ЗА НЕНОСЕЊЕ МАСКИ, ДОСЕГА СЕ ИЗРЕЧЕНИ КАЗНИ ВО ИЗНОС ОД 3,8 МИЛИОНИ ЕВРА

0
638

Граѓаните можат да здивнат, Владата ја потврди одлуката за укинување на носењето маски на отворено, откако бројот на новозаразени од Ковид-19 почна драстично да опаѓа. Но се препорачува маска да се носи при поголеми групирања, а останува и задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.

Непочитувањето на оваа мерка како заштита од Ковид-19 скапо ги чинеше граѓаните изминатата година. Над 3,8 милиони евра се слеале од џебот на граѓаните во државниот буџет за една година поради непочитувањето на задолжителната мерка за носење маски како заштита од Ковид-19. Како што информираат од МВР, заклучно со вчера се изречени 194 117 казни за непочитување на мерката. Паричните казни беа во висина од 20 евра, а 2000 евра е казната која што домашни и странски фирми ја плаќаа за необезбедување заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирусот. Ова е предвидено во Уредбата којашто ja донесе Владата на 22-ри април, а стапи на сила од 1-ви мај минатата година.

Само од 1-ви мај до јануари годинава биле изречени над 128 илјади казни за неносење маска во Северна Македонија. Во периодот од мај до 23-ти јуни, во полициската евиденција има заведено 20 327 прекршоци по однос на неносење заштитна маска. Надлежните немаат конкретен податок колку од изречените казни биле и наплатени, со оглед на тоа дека секој граѓанин поединечно ја плаќа казната. Доколку во рок од осум дена граѓанинот се одлучи да го плати прекршочниот платен налог, тогаш ја уплаќа половината од казнената сума.

Најголемиот дел од лицата коишто се казнети, се за неносење на задолжителната маска за лице кога патуваат во исто возило заедно со други лица кои не се дел од нивните семејства. Следуваат прекршоците кај оние кои не држат растојание на отворен простор и најмалку од казните се изречени за оние кои немале маски во затворен објект.