БАЛКАН ГРИН ЕНЕРЏИ ЊУЗ: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СО ТРЕТ НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ ВО ЈИЕ

0
1161

Северна Македонија минатата година го зголеми производството на енергија од обновливи извори на 827 MW, што претставува раст од 10,1% и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3%, објави специјализираниот портал „Балкан Грин Енерџи Њуз“.

Со ваквиот раст земјава се најде на трето место меѓу земјите од регионот, зад Кипар кој забележа зголемување на производството на енергија од обновливи извори за 15,2% на 371 MW и Турција со раст од 10,8% на 49,4 GW.

Зад Северна Македонија се најдоа Грција со зголемување за 9,5% на 10,9 GW, Албанија со раст од 6% на 2,3 GW и Хрватска која го зголеми капацитетот на производство на енергија од обновливи извори за 5,1% на 3,2 GW. Останатите земји од Југоисточна Европа забележаа многу низок раст на искористувањето на обновливите извори на енергија, посочува порталот.