МИНИСТЕРСТВО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ: НЕ МОЖЕ ДА СЕ БОЈКОТИРА НАСТАВАТА ПОРАДИ ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

0
742

Министерството за образование и наука реагира на прес-конференцијата на групата родители кои покренуваат иницијатива за повикување на учениците да ја бојкотираат наставата во училиштата. Според МОН оваа одлука ќе му наштети директно на воспитно-образовниот процес на младите, така што тоа не треба да го дозволат.

“Како надлежна институција за креирање на политиките во областа на образованието и науката и најотповикана за промените кои треба да се случат, Министерството за образование и наука веќе се произнесе дека е неоправдано да се бојкотира за нешто што ќе донесе подобар квалитет на образованието и голем број придобивки кои младите од другите поразвиени земји веќе ги чувствуваат, затоа што процесот на дигитализација на глобално ниво е веќе одамна почнат.

Новото законско решение, односно новиот концепт за употреба на материјали за учење во основното и средното образование е најавен заедно со целокупната реформа на националниот образовен систем во делот на основното и средното образование, која пак е дел од програмата за работа на Владата и од Стратегијата за образование 2018-2025 и за истата се водеше сеопфатна двомесечна дебата. Дополнително во јавноста беше презентирана и анализата на јавното мислење на наставниците и учениците спроведена од Институтот за економски истражувања и политики “Фајнанстинк”, според која 75% од учесниците сметаат дека учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирање. Предлог-zаконот за учебници беше објавен на владиниот ЕНЕР систем и сите предлози и сугестии од експертската јавност се интегрирани во неговата содржина, која е усогласена со сите последно усвоени документи од страна на Европската комисија, а кои се однесуваат на давање приоритетност на процесот на дигитализација на образованието.

Со новото законско решение, кое предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали, ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата. Учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, додека за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за употреба на истите ќе му бидат овозможени секому. Односно законски е обезбеден пристап до учебниците кои ученикот треба да ги користи. Па така, за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За прв пат, се обезбедуваат и учебници во аудио формат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо.”