МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА И НАЧАЛНИКОТ НА ГЕНЕРАЛШТАБОТ ГО БРИФИРАА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ЗА СОСТОЈБИТЕ ВО АРМИЈАТА: И ПОКРАЈ ЕНЕРГЕТСКАТА И ЗДРАВСТВЕНАТА КРИЗА, ТРЕБА ПОСВЕТЕНО ДА ВЛОЖУВАМЕ ВО АРМИЈАТА ЗА БОРБА ПРОТИВ НОВИТЕ ЗАКАНИ

0
565

Пред претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во Домот на Армијата во Скопје беше презентирана состојбата на борбената подготвеност на Армијата на Република Северна Македонија во тековната година.

Од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Генералштабот, генерал-мајор, Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетите на Претседателот и Министерството за одбрана, беше претставена состојбата и реализацијата на планираните активности во функционалните области, кои се дел од борбената готовност.

Претседателот и врховен командант Стево Пендаровски искажа задоволство од професионалноста, посветеноста и покажаната пожртвуваност на припадниците на Армијата во справувањето со пандемијата и пожарите низ земјата.

Пендаровски рече дека инвестирањето во модернизирањето и опремувањето на Армијата мора да продолжи, со јакнење на нашите одбранбени капацитети и потенцијалите на Армијата.

“Независно што здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, државата е неопходно да остане посветена на вложувањата во одбраната и безбедноста, затоа што тие се основата за функционирање и на други општествени сектори” – рече претседателот Пендаровски.