Microsoft Surface Book – најбрзиот 13 инчен лаптоп на планетата

0
1134

en-INTL-PDP0-Atlas-Devices-CR9-00001-P2

Софтверскиот гигант од Редмонд имаше навистина бомбастично претставување на новите Windows 10 уреди, а ѕвезда на вечерта беше првиот професионален лаптоп на компанијата, Surface Book, кој има исклучително моќни компоненти и како и секој Surface, може да се користи и како таблет.

За разлика од Surface Pro 4, кој има дисплеј од 12,3 инчи, Book има 13,5 инчен дисплеј со резолуција од 3000х2000 пиксели (267 ppi) што значи дека е насочен кон професионалците, односно сите оние на кои им треба поголем екран. Дисплејот е опремен и со новата Pixel Sense технологија на Microsoft, што значи дека е подеднакво добар за допирање со прстите, како и за пишување или цртање со вклученото пенкалце.

en-INTL-PDP0-Atlas-Devices-CR9-00001-P1

Поголемиот дисплеј настрана, она што го разликува Surface Book од останатите модели во гамата е лаптоп дизајнот. Всушност, на самата презентација, до пред самиот крај присутните не знаеја дека воопшто и има вградена можност за таблет мод, кој е наменет пред се за пишување и цртање со вграденото Surface Pen, кое препознава 1024 зони на притисок и кое прави да се чувствувате дека навистина пишувате на хартија.

Таблетот инаку се откачува преку копче на тастатурата, кое покренува цел електронски механизам. Исто така, екранот може да се сврти и да се стави обратно на тастатурата, доколку нема потреба да ја користите тастатурата и сакате само интеракција со екранот на допир. Тастатурата пак има копчиња за кои Microsoft вели дека се најдобри во бизнисот, како и тачпад целосно изработен од стакло, за мазно лизгање со прстот.

Во очи кај Surface Book пред се паѓа „шарката“ која го спојува дисплејот со тастатурата, а која е изведена како „змија“ и се вика “Dynamic Fulcrum”. Да, Microsoft можел да искористи и некоја постоечка технологија, но со ова се дистанцираат од конкуренцијата и ако ме прашувате мене, изгледа исклучително кул!

en-INTL-PDP0-Atlas-Devices-CR9-00001-P4

Внатрешните компоненти се исклучително моќни. Процесорите се од Skylake шестата генерација на Intel и ќе се нудат само i5 и i7 единици, со 8 или 16 GB рам меморија и PCI-e SSD дискови со капацитет од 128 до 512 GB. Сите овие компоненти се сместени во самиот таблет, кој е фантастично тенок – само 7,7 милиметри, но има и едно изненадување.

Имено, долниот дел не е само тастатура – има батерија и графичка картичка од Nvidia, која е многу помоќна од онаа вградена на Intel процесорите, што значи дека лаптопот вака има сериозно моќни перформанси. Всушност, Microsoft е толку самоуверен во оваа конфигурација, што вели дека ова е сега најбрзиот лаптоп во класата од 13 инчи во светот, два пати побрз од главниот конкурент MacBook! И сето тоа со батерија која може да трае до 12 часа со едно полнење (една е во таблетот, другата во тастатурата)!

en-INTL-PDP0-Atlas-Devices-CR9-00001-P3

А за разлика од сите други професионални лаптопи, овој е опремен и со камера од 8 мегапиксели позади, односно 5 мегапиксели напред. Не дека често ќе фотографирате со него, но барем нема да мора да го вадите телефонот од џеб за да сликнете едно селфи.

Surface Book покажува дека Microsoft конечно почнува да иновира како што му прилега на еден таков гигант. Моделот предизвика толку многу воздишки во публиката, кои ги немаме видено ниту на настан на Apple со години! Што значи само едно – конкуренцијата ќе треба што побрзо да одговори, а ние како корисници секако дека сме најсреќни за тоа.