Mi 4c е уште еден евтин телефон на Xiaomi со одлични спецификации

0
1036

unnamed.0-Copy

Производителот на паметни телефони од Кина, Xiaomi, кој сериозно претендира да стане најголемиот во светот, го претстави својот нов уред од средно – високата класа, кој има цена од 204 долари и спецификации на кои може да позавидат и некои два пати поскапи телефони.

Новиот Mi 4c има екран од 5 инчи и Full HD резолуција (1920х1080 пиксели), што е подобро од уредите со иста цена и рамо до рамо со некои телефони од високата класа. Дисплејот има и други адути во ракавот, а тоа се Sunlight Display и Night Reading Mode, кои овозможуваат светлината да се покачи на исклучително високо, односно исклучително ниско ниво, зависно од тоа дали го користите телефонот на сонце или во ноќни услови.

xiaomimi4ccolors-630x354

Во внатрешноста работи процесорот со шест јадра на Qualcomm, Snapdragon 808, кој се вградува и во LG G4 и кој се покажа како чип со одлични перформанси, не заостанувајќи премногу зад најмоќните процесори со осум јадра. Помогнат е од 2, односно 3 GB рам меморија, како и простор за складирање податоци од 16, односно 32 GB.

Секако, како и секој кинески телефон и овде може да се стават две сим картички. Батеријата има капацитет од 3080 mAh, што значи дека лесно ќе истера цел ден со едно полнење, а благодарение на чипот на Qualcomm, достапно е и QuickCharge 2.0 брзото полнење, кое ќе овозможи многу пократко време на чекање додека телефонот е на полнач. Исто така, ова е еден од првите уреди во кој ќе се вградува USB Type-C конекторот за полначот, кој е двостран и кој овозможува многу повисоки брзини.

xiaomimi4cpink-630x420-Copy

Камерите имаат 13 мегапиксели назад, со ISOCELL сензор од Samsung, кој ветува одлични фотографии и 5 мегапиксели напред, за квалитетни селфија. На телефонот е вграден и IR предавател, корисен за оние кои сакаат паметниот телевизор да го управуваат преку својот телефон.

Софтверот е секако Android Lollipop, но со целосен MIUI скин од Xiaomi, со неколку подобрувања кои вклучуваат сликање брзо селфи со допирање на страничниот раб на телефонот, односно отклучување со дупло и брзо допирање при заклучен телефон.

Цената на Xiaomi Mi 4c во Кина за моделот со 2GB рам и 16 GB простор изнесува 204 долари, додека за моделот со 3GB/16GB изнесува 235 долари. Со оглед на можностите, ова е ѓаволски добра понуда! И најдоброто од се е што можеме набрзо да го очекуваме да пристигне и кај нас.