МЕРКА ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ОД НЕРАЗГРАДЛИВ ОТПАД: ОД ПРВИ ДЕКЕМВРИ ЌЕ ПОЧНЕ НАПЛАТА ОД 15 ДЕНАРИ ЗА ЌЕСА ВО МАРКЕТИ ЗА ДА СЕ СТИМУЛИРА КОРИСТЕЊЕТО НА ПЛАТНЕНИ ТОРБИ

0
855

Министерството за животна средина и просторно планирање со соопштение ја потсетува јавноста дека од 1-ви декември 2021 година стапува во сила обврската за наплата на кесите за носење стоки од новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување.

Законот предвидува: забрана на пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија и забрана на пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Северна Македонија.
По исклучок, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки (чија што дебелина е пониска од 15 микрони). Надоместокот со вклучен ДДВ, кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и се плаќа на трговецот на местото на продажба.

Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот “загадувачот плаќа”.